Собранието на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија вчера на седница ги усвои Годишниот извештај за работа на Фестивалот за 2018 година и Извештајот за паричното работење во истата година. Истовремено, беше донесена Одлука за усвојување на Годишната сметка на ДАФ – Кочани 2018. Паралелно со ова, се изврши избор/реизбор на членовите на Собранието, Управните и извршните тела на ДАФ на Македонија.
Дарко Спасов, драматург, останува претседател на Собранието и на Управниот одбор, во кој, покрај него влегоа и Наталија Теодосиева и Благој Веселинов, драмски уметници, Димче Николов, режисер, Сергеј Светозарев, дипломиран графичар – дизајнер. Благој Пенов е реизбран за извршен директор на Фестивалот. Изборник, селектор, и годинава ќе биде Јасмина Билаловиќ, драмски уметник од Охридскиот театар.
Членовите на Управниот одбор и извршниот директор со уште десетмина драмски уметници, еден ликовен уметник, новинар, економист и графички дизајнер го чинат составот на новото Собрание на ДАФ на Македонија.
На состанокот, извршниот директор, Благој Пенов, поднесе информација за Годишната програма/Програмата за работа во 2019 доставена до Министерството за култура, градоначалникот и Советот на Општина Кочани.
Разговарајќи за тековни прашања, членовите на Собранието изнесоа повеќе мислења за обезбедување квалитетни средства за финасирање на ДАФ, што во краток рок ќе бидат операционализирани.
Во јубилејната 60 – та година од постоењето, 56 издание на ДАФ на Македонија ќе се одржи во Кочани од 27 мај до 1 јуни. Во тек е поднесувањето пријави за учество на Фестивалот.