Аматерскиот театар „Каревци“ на вториот ден од Драмскиот аматерски фестивал настапи во спортската сала кај Гимназијата во Кочани. Невообичаена сцена, на која членовите на оваа театарска група од Скопје убаво се снајдоа играјќи ја претставата „Вејка“ од Коле Чашуле.

„Секогаш може подобро, затоа и сме тука, за да видат ’дечкиве’ како одат работите од сцена на сцена. Тие се веќе искусни, имаат играно повеќе претстави во изминатите неколку години. Мислам дека овој фестивал за нив е уште едно богатство. Ново, нова средина, нова сцена, нови луѓе. Тоа е ДАФ“, вели Снежана Станкова, режисер на претставата и мнетор на актерите аматери од „Каревци“.
„Мислам дека актерската игра е можност за децава да покажат што знаат и што умеат и надвор од училишните клупи. Тоа е и еден вид на можност да увидат што ќе прават понатаму во животот кога ќе им заврши училиштето“, смета Станкова.

Со неа разговаравме после вчерашната изведба во спортската сала. Ни рече дека во Кочани на ДАФ не сме дојдени со нешто многу голем натпреварувачки дух. „Првин да видиме до каде можеме да одиме, меѓутоа, сепак, секоја награда е добредојдена“, ни рече режисерката и менторка Станкова.