51-то издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија започнува вечерва.

Први на сцената во ЦК Бели мугри во Кочани настапуваат аматерите од кумановската гимназија „Гоце Делчев“ во 20, 15 часот. Тие ќе ја одиграат претставата „Недоразбирање во д-мол“. Претходно, предвидено е ДАФ на свечен начин да го отвори претставник на градот домаќин, ќе има обраќање и од управата. Во 22, 30 часот следува Драмското студио од Крива Паланка, чии членови ќе се претстават со „На клупата“, работена на текст на Трајче Кацараов.

Драмскиот аматерски фестивал ќе трае до 30 мај, во стандардната концепција. Ќе има класични претстави, детска програма и секако алтернатива.

Ќе бидат одиграни вкупно 15 претстави. Како придружна содржина, предвидена е промоција на монографијата „Вертикали“ од театарскиот критичар Иван Ивановски и од Благој Пенов како соработник. Овој вреден труд е посветен на изминатите 50 години драмски аматеризам во Македонија.

На затворањето на најзначајниот собир на македонските драмски аматери ќе настапат кумановските пензионери со „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ. Оваа претстава започнува во 20, 30 часот, откако претходно ќе бидат прогласени најуспешните. Се задржува меѓународниот карактер на ДАФ, бидејќи во конкуренција е влезена претставата „Бетон махала“ на театарот од Нови Пазар, Србија.

Програмата со сите претстави што ќе се одиграат може да се преземе комплетно од официјалниот сајт на фестивалот dafkocani.com