„Приказната е препознатлива повеќе по филмот во кој глумат Елизабет Тејлор и Пол Њумен отколку по драмскиот текст. Некогаш сум го гледала филмот и тој длабоко во мене оставил белег. Сега, после четиригодишна работа со ови деца кои се матуранти и после нивното двегодишно искуство на меѓународна театарска работилница во Берлин, сватив дека е дојден моментот – ако не ја исполнам оваа драма со овие ученици, можеби во наредните дваесет години нема да имам таква можност. И го направивме тоа, ја подготвивме претставата бидејќи учениците веќе се доволно зрели, доволно стабилни за да можат да се носат со улогите и тематиката, низ која провејува блага еротика“, ни рече Ирена Бачиќ, режисерка на претставата „Мачка на вжештениот ламаринен покрив“ на Тенеси Вилијамс, што ја одиграа синоќа на вториот ден од ДАФ, учениците од охридската Гимназија „Св. Климент Охридски“. Публиката ги награди со аплауз, а подоцна на разговорите, актерите-матуранти добија пофалби од членови на УО на ДАФ, посебно што дијалози во претставата се пропратени со акустична гитара и привлечен глас, што е „иновација“ на режисерката.