Во пресрет на јубилејното 50. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија, чиј традиционален организатор е Кочани и кој годинава ќе започне на 26. мај, денеска во ресторанот „Фуфо-Галија“ во Скопје се одржа прес конференција. Присуствуваа повеќе медиуми со свои новинари, меѓу кои и телевизиите „Алфа“ и „Сител“, „Дневник“, агенците „МИА“ и „Макфакс“, радиото „Канал 77“…, како и претставници на театарски ансамбли што имаат свои претстави во официјална конкуренција. За програмските содржини, репертоарот и сите други поединости во врска со шестте фестивалски дена (26. – 31. мај) од овогодишниот ДАФ зборуваа Емил Рубен, претседател на УО на Фестивалот, Петар Арсовски, член на УО, Благој Пенов, извршен директор и Ѕвезда Ангеловска, која го изврши изборот на учесниците. „Годинава понудата на претстави кои конкурираа за учество беше мошне богата и разновидна. Во официјална конкуренција влегоа претстави на македонски современи автори, како што е Горан Стефановски, потоа влегоа претстави со алтернативен карактер и претставави кои опфаќаат нешто што се нарекува „современа класика“. Искрено сум изненадена од конкуренцијата, од тоа колку во Македонија е голем интересот за аматерскиот театар. Ова само е доказ колку овој фестивал има неверојатно голем пораст, заедно со богатата традиција, која еве, трае веќе 50 години“, рече Ѕвезда Ангеловска, во воведниот збор пред новинарите. За јубилејниот 50. ДАФ се пријавиле вкупно 46 претстави.

Во официјална конкуренција влегоа 14 претстави, осум на театарски работилници од Македонија, четири дестки претстави и две странски : од Полска, од Воломин, и од Србија, од Пивнице, кои веќе ја имаат почуствувано сцената во кочанскиот ЦК „Бели мугри“. Свеченото отварање е закажано за 26. мај во 20, 00 часот, кога ќе бидат „прикажани“ делови од педесетте години драмски аматеризам во Македонија насловени „Живи драмски слики“, за што режијата и синопсисот ги направи Васил Шумански, а водител ќе биде Страшко Милошевски. Истата вечер е предвидена изложба од архивата на ДАФ на Македонија „Напред во минатото“, за која промотор ќе биде Киро Герасимов, новинар и публицист, и актер аматер учесник на Фестивалот во осумдесетите години. Од Србија доаѓа Аматерско позориште „Јанко Чеман“ од Пивнице, а од Полска Аматерски театар „Пјонти Вимјар“ од Воломин. Од домашните театарските групи ќе учествуваат: „Без маска“ од Битола, Аматерскиот театар на Центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани, Летачка театарска трупа-Тетово и пет средни училишта со свои театарски проекти. Свои моменти на сцената на Националната установа во Кочани ќе имаат и драмските секции на Центарт за култура „Иљо Антески-Смок“ од Тетово, ОУ „Блаже Конески“ од Велес, ОУ „Браќа Миладиновци“ од с. Миладиновци, Илинден и Центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани. Во придружната програма, Трајче Кацаров ќе биде медијатор во презентирањето на театарскиот портрет на Васил Шумански, ќе може да се проследи и претставата „Одбележани“ на Отсек за превенција во СВР Штип.

Предвидени се разговори после секоја претстава, тетатрска работилница и ликовен перформанс. Гран-прито, за режија, за експеримент и четири за улоги – вкупно седум награди, ќе бидат доделени на 31 мај, кога во чест на наградените ќе биде одиграна „Грев или шприцер“ на Драмски театар од Скопје. За наградите ќе одлучува жири составено од : Сашко Насев, Силвија Стојановска и Љупчо Георгиевски. Петар Арсовски, член на УО на ДАФ, пред новинарите рече дека е горд на Фестивалот и на негвите педесет изданија досега, а извршниот директор, Благој Пенов, ја повика публиката од 26. до 31. мај да дојде во Кочани и да ја почуствува атмосферата на најдоброто од драмскиот аматеризам во државата. За крај вети – Кочани и овој пат ќе биде добар домакин.