Вечерната програма од вториот фестивалски ден ја отворија средношколците од „Корчагин“ од Скопје.

Играа комедија, го играа Стерија Поповиќ на нивен начин, со многу енергија и желба да се допаднат.
„Првенствено бев фасцинирана од делото на Стерија Поповиќ, ’Покондирана тиква’, како јас така и сите останати што го правевме ова… и решивме да ја облечеме ’Покондирана тиква’ во ново руво, како ’Покондирана тиква’ во 21 – ви век, бидејќи нејзиниот лик е сеприсутен во сите општества, така да дефинитивно ликот е критика кон општеството.

А, ние сме пресреќни што сме носители на таа критика кон општеството и што можеме да упатиме порака кон целата јавност за она што е правилно, морално и добро и она што не е“, ни рече Уна Николовска, режисерка на претставата на СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“, која ја направила и адаптацијата на делото на Стерија Поповиќ.

„Многу сум задоволна од изведбата. Хуморот е сеприфатен. И во претходните изведби бил“, смета Николовска. „Ова не е мое прво режисерско искуство, но, најмило ми е, затоа што прв пат сите заедно влеговме во оваа претстава со толку страст, затоа што е постоечко дело, сериозно дело и за кое моравме максимално да се погрижиме да го запазиме оригиналот и да направиме адаптација“.

Претставата имаше пристојна посетеност и убави реакции од оние што ја проследија.