Со претставата “Бегај ѓаволе, жена ми доаѓа“ на Културното и спортско друштво ” Шатор Шторје“ од Сежана, Словенија, вечерва (28 мај), во 19 часот, во Кочани, во ЦК „Бели мугри“, започнува 55. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија. До 2 јуни ќе бидат прикажани 16 аматерски претстави во официјална конкуренција и една професионална, хит комедијата „Чао Пријатно“ на театарот „Чао Пријатно“ од Скопје, со која ќе се спушти завесата на фестивалот.

 За вечерва е најавено доаѓање на министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој на гостите ќе им се обрати во 20 часот. Предвидено е обраќање и на кочанскиот градоначалник, Николчо Илијев.
Вечерва ќе можe да се проследи и претставата „Многу врева за ништо“ на гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес, како и настапот на Драмското студио на ЦК „Бели мугри“ од Кочани, чија претстава е насловена – „Пеликан“.

Меѓу театарските групи се и Театар „Хранислав Драгутиновиќ“ од Прокупље, Србија, како и Младинска сцена при Интимен Театар од Битола, СУГС “Раде Јовчевски – Корчагин“ од Скопје, Драмското студио „Карло Голдони“ од Дебар, Младинското драмско студио „Прличко“ од Велес…

Во рамките на ова издание на ДАФ под мотото „Уметноста е долга, животот е краток“, ќе бидат одржани и придружни манифестации, промоции на книги, работилници, како и ликовни перформанси и изложби меѓу кои и на мултимедијалниот уметник Марко Брецељ попознат како поранешен фронтмен на сега веќе култниот југословенски рок бенд „Булдожер“.