Наградата за најдобра претстава Гран – при „Васил Ќортошев“ ја доби „ИЛУСТРЦИИ ЗА ТОА КАКО ИДЕЈАТА ГО ЗАПРЕПАСТУВА ЧОВЕКОТ КОЈ НЕ Е СПРЕМЕН ЗА ТОА“. Ја режираа Наталија ТЕОДОСИЕВА и Јаков СПАСОВ. Според трочленото жири, наградата е доделена за квалитетната колективна игра и вештото извршување на задачите во една комплицирана естетика. Оваа претстава ја изведоа членовите на театарот „Kunstwerkstatt “ при Младински образовен форум од Скопје.

Дел од актерската екиа на Теодосиева и Спасов присуствуваа на доделувањето на наградите на финалето на 53. ДАФ на Македонија.
„Бидејќи ова ни е првата награда што ја имаме добиено, навистина ни е драго. Навистина се израдувавме и затоа што е токму на ДАФ во Кочани, После три години напорна работа на оваа екипа која се труди да постигне некаков квалитет, иако сме сите аматери, убаво е чуството да се добие признание за она што е сработено во изминатиов период. Сакам да им се заблагодарам на сите оние кои не подржуваа, посебно на Младинскиот театар – ФОРУМ кој постојано ги подржува нашите проекти. Сакам да упатам благодарност и за Наталија Теодосиева и Јаков Спасов кои ја режираа оваа претстава и ни помогнаа да стигнеме до квалитетот до кој што стигнавме. Навистина ни е многу драго што го добивме Гран – прито.
Би додал дека многу се радуваме за наградата бидејќи овој проект многу лично го доживуваме, целиот процес низ кој поминавме изминативе месеци… и да се презентира некоја идеја, некоја приказна, некое мислење, став наш за средината во која живееме навистина е прекрасно и сето тоа на така убав начин да го прифати публиката во Кочани“, ни рече Петар Антевски, актер во претставата „Илустрации за тоа како идејата го запрепастува човекот кој не е спремен за тоа“.