„Педесет години хронологија на настани и случувања на РАДС, ФААТ, а сега ДАФ е време за почит, време кога се создаваа бројни аматерски драмски групи во Месни заедници на село, во училишта, факултети, домови на културата, во културно-просветни заедници по општини. Аматеризмот продолжи да се развива и усовршува овој пат преку појавата на алтернативните групи и дружини во речиси сите краеви на Македонија. И сите тие на својствен начин го пренесоа името и славата на Смотрата и фестивалот во Кочани и на РМ и надвор од границите на татковината. И не само тоа. Една ученичка драмска група од Виница, ‘Сцена 71’, го пренесе името и славата на Македонскиот драмски фестивал во Италија, во Франција, во Белград и Загреб“, рече Киро Герсимов, синоќа на отворањето на ДАФ, промовирајќи ја изложбата „Напред во минатото“, во која, низ фотографии поставени на паноа, се бележи „животот“ во изминатите 50 години од драмскиот аматеризам во Македонија. Изложбата „Напред во минатото“ е направена од фотографии на архивата на ДАФ – Кочани.

Поставена е во Фоајето на ЦК „Бели мугри“ и е достапна за публиката во текот на оваа недела додека се одвива програмата на овогодишниот ДАФ на Македонија.