„Вертикали“ на Иван Ивановски, книга која зборува за македонскиот драмски аматеризам во изминатите педесетина години, денеска е промовирана во ЦК „Бели мугри“ во рамките на 51 Драмски аматерски фестивал, од кој останаа уште чтири дена. Промотор беше новинарот на Македонското радио, Тодор Кузманов и самиот поклоник на аматерскиот театар. Соработник на Ивановски во „Вертикали“ е Благој Пенов, без кого, како што рече авторот, најверојатно оваа книга тешко ќе беше објавена.

„Вертикали’ е насловот на најновата книга на уважениот македонски теататрски критичар и писател г-дин Иван Ивановски. Оваа книга е посветена напедесетгодишнината од организираниот фестивалски, неакадемски и алтернативен театар во Република Македонија. Често нарекуван аматерски театар и денеска така постоечки во општата јавност, овој тип на културна акција е вехементен дел од културите на сите цивилизирани нации, па и огромен дел од македонската култура. И во нашата земја аматерскиот театар играл и се уште игра огромна и значана улога во нејзиниот општествен, културен и уметнички развој“, напишал д-р Сашко Насев, во улога на рецензент на „Вертикали“.

„Напишана со едноставен македонски литературен јазик, со иманентна структура од една целовита приказна составена од педесет заглавија, со голем број меѓунаслови, со примери од настаните и со естетски квалификации за настаните, книгата на г-дин Иван Ивановски „Вертикали“ претставува несомнена контрибуција во македонската наука, особено историјата, за театарот и драмската уменост“, подвлекува Насев, наведувајќи дека во оваа книга посебно место зазема улогата на Кочани и организацијата на најзначајната театарска манифестација во земјава во последните речиси четириесет години.

Во текот на денешната промоција, извадоци од „Вертикали“ читаше Силвана Јаневска, актер во кочанската Национална установа. Издавач на книгата е Здружението Драмски аматерски фестивал на Македонија и таа е отпечатена во Печатницата „Европа 92“ во 1 000 примероци. На крајот, авторот Ивановски „издржа“ (со оглед на неговата возраст) подолго потпишување на неговото последно дело, со кое му приоѓаа гостите, посетители на ДАФ и на промоцијата.