Претставата „Бетон махала“ на ТАГ од Нови Пазар, доби најмногу аплаузи од публиката воопшто од досега сите одиграни на ДАФ.

Момчињата и девојките од Србија на сцената играа силно и со многу емоции отварајќи проблеми на младите (како што ги има и кај нас), поврзани со религијата, политиката, секојдневните случувања… Зборуваа за себе и својт град. Претставата се состои од повеќе приказни и во суштина зборува за љубовта. На разговорите кои редовно се водат доби позитивни критики.
„Бетон махала“ во Србија предизвика контроверзи, според она што можеше да се пронајде во медиумите во соседната држава, во еден момент дури била забранета. На ДАФ во Кочани младите актери од Нови Пазар оставија силен впечаток.

Последна синоќа, на претпоследниот ден од Фестивалот се играше „Столови“ на кочаскиот ЦК „Бели мугри“. Станува збор за текст на Ежен Јонеско, се играше на сцена и во салонот. Екипата актери составена од Стефанија Петрова, Андреј Стефанов и Душко Стоиловски добија честитки за храброста да играат еден така тежок текст, од т.н. „театар на апсурдот“, чиј втемелувач е Јонеско. Имаше доста аплаузи и големо присуство на гости за време на разговорите кои му дадоа подршка на професионалниот режисер Перо Даниловски и на Стефанија, Андреј и Душко.

Вчера први своите моменти на ДАФ ги имаа членовите на Драмската секција при ОУ „Тодор Ангелевски“ од Битола кои ја прикажаа претставата за деца „Зошто не сме сите исти“. Во театарско остварување „играат“ сенки (од направени фигури) на платно, а гласовите се на актерите (децата) кои се зад сцената.