52. ИЗДАНИЕ НА ДРАМСКИ АМАТЕРСКИ ФЕСТИВАЛ НА МАКЕДОНИЈА – КОЧАНИ 2016…

ХАМЛЕТ:

„Ова време искокнало од зглобот.
О, проклетсво што сум роден сам да го поправам“.

И З В Е Ш ТА Ј
„ЧОВЕК МОЖЕ ДА ПОЈДЕ НА ПАТУВАЊЕ И ОД СВОЈАТА СОБА“

Сребренестата водена убавица која кротко, мирно меандрира според свое, природно „чувство“ го дели градот на два дела, на двете страни од бреговите на Кочанска Река веќе липите цутат и квечерината ја освежуваат со опоен мирис и во остатокот од денот ги мамат граѓаните на прошетка, на разговор за настаните што го одбележале денот, но и за тие што допрва доаѓаат. Овие природни и општествени феномени се сигурен знак дека сме на прагот на уште едно издание на аматерскиот драмски фестивал во Кочани, овој пат на неговото 52. издание, кое се одржа од 23.-28.мај 2016 година. Ова издание во културната историјата на градот, во вечната книга на уметничките и културни постигнувања на нашиот народ ќе остане забележано како „Кочани четириесет години фестивалски град, 1977-2016“, празник на творештвото и натпревар на идеи, на светогледи, на потрага по нови естетски и етички сценски предизвици на аматерската театарска сцена во Македонија.

Драмските аматери, како и могупати досега, на свој начин ја разрешија дилемата што постои околу дефиницијата на слободното време за која во академската фела има разногласие. Тие со своите настапи ја покажаа и истакнаа полезната страна, и на индивидуален и на општествен план, активниот одмор по работата, развојот на знаењето или креирањето на алтернативните идентитети, ангажманот на граѓаинот во твроештвото, културата, уметноста…

52. издание на Драмски Аматерски Фестивал на Македонија беше вистинска фестивалска приказна која во ситуација кога се почесто се прашаме каде се вистинските, правите вредности и дали парите денес се најважни, младите и возрасните драмски аматери од нашата земја и странство оставија свој печат во фестивалската седмица, проговорија на различни јазици, но со блиски мисли и оценки за времето и сосотојбите во се повеќе глобализираниот свет. Ја истакнаа определбата дека е неминовно да опстане она што е здраво и значајно, вистинското и оригиналното. Младите се збунети и растргнати, изгубени се во она што некогаш важело за вредност и мерка на моралот. Со своите претстави донесоа мисла за нов однос кон изгубените битки, за заборавот, ново читање на драмските текстови и нов однос кон нивните содржини и автори. Порачаа дека луѓето треба да се чувствуваат добро, да им биде убаво и да бидат слободни, слободни во контекст на љубовта. На фестивалската сцена донесоа и претставија радост и убавина, претстави кои луѓето ги прават задоволни, им ги отргнуваат лошите мисли и го оддалечуваат од дневните грижи.

Францускиот математичар и физичар, и философ на религијата Блез ПАСКАЛ вели: „Човек може да појде на патување и од својата соба“, а драмските аматери покажаа дека и на сцената од домот н атеатарот можеме да патуваме во светот на драмската уметност. Во чии се светови и во чија организација патувавме на 52. издание на ДАФ на Македонија 2016: Во годината кога планетарно се одбележуваат четири века после Шекспир (1564-1616) се пишува нова историја на театарот. Имено, професорката по Стари нордиски јазици на Универзитетот во Абердин (Шкотска) Лиза КОЛИНС тврди: „Повеќе не важи тврдењето дека Шекспир својата славна трагедија ја базирал на оригиналниот скандинавски текст од XII век Amleth, туку изворниот мит всушност и припаѓа на ирската култура. Колинсова мисли дека главниот писателски карактар (Admlithi), потекнува од древна ирска приказна од деветиот век, за кралот кој ги руши општествените табуи и на крајот, во крваво финале, плаќа висока цена. Решавачката улога во пренесувањето на приказната во Скандинавските земји ја имале морнарите во добата на викинзите. И уште една нова страница е испишана за Шекспир и „Хамлет“. Имено, во Шекспировиот роден град Стратфорд на Ејвон, годинава гостувал Royal Shakespeare Theatre и премиерно е прикажан „Хамлет“. Бурни ракоплескања и стоечки овации ги собрал британскиот актер Папа Есидју, кој по потекло е од Гана. Тој после педесет и пет години е првиот црн актер кој се нашол пред захтевната улога на данскиот принц. А пак македонските и странски аматерски драмски ансамбли чествувањето го одбележаа, со што ако не со „Хамлет“. Словенечката аматерска драмска група „Дрзне ин лепи“ од Иванчна Горица не покани на патешествието наречено „Хамлет“ во режија на Трајче ЃОРЃИЕВ. Место на настанот, Данска, воглавно кралскиот дворец Хелсингор, неговиот ентериер и екстериер; Тема на делото: Хамлетовата освета; Време на дејствието: околу 1600-та година: Јазик и стил: според видот е драма-трагедија во пет чина, делото е пишувано во стих; Идејата: „Знаеш дека е природно – се што живее мора да умре. И низ тој смртен живот да протече во вечноста“. Кочанските аматери при Центар за култура „Бели мугри“ заедно со Антон ПАВЛОВИЧ ЧЕХОВ не поканија на „Просидба“ во режија на Трајче ЃОРЃИЕВ. Чехов, односно режисерот на претставата настојуваше да ни покаже дека животот се состои од обични работи, дека дребното и секојдневното се недделиво јадро, стварност на човековото постоење и дека токму тие честопати битно и суштински го одредуваат. Едноставноста на Чехов и денес счудоневидува. „Краткиот расказ кај Чехов е како сонот, каде што само за неколку секунди може да се доживее цел живот“, пишува Елза Триоле, а великанот на европската книжевност Томас Ман признава дека дури со Чехов сфатил „дека генијот може да биде врзан за ореова лушпа, а сепак да биде во состојба универзално да го опфати животот“. Неколкуте негови пиеси во кои животот протекува навидум едноствано и монотоно, стивнат и оладен до своите дневнични видови, но под чија еднобојна сива кора струјат живите токови на човечките драми, порази и ломови. Драмскиот текст „Дома“ на Људмила РАЗУМОВСКАЈА по втор пат е на аматерската драмска сцена, во претходните изданија беше понуден од струмичките гимназијалци, а годинешнава посета на „Дома“ од Разумовскаја во режија на Слободанка ЧИЧЕВСКА ни ја организира Драмското студио при СОУ гимназија „Кочо Рацин“ – Велес. „Дома“ е сторија за суровоста, но вистнска приказна, за група млади луѓе кои немаат родители и дом, вознемирувачки факт и опомена за тоа во каков свет живееме, но и метафора и парафраза на библиските мотиви за апокалипсата. Се она што го чини денешниот свет, не приморува да упатиме искрен поглед во она што оваа угледна писателка напишала за деведесетите години од минатиот век во Русија. Се чини дека од тогаш па до денес светот не постанал ништо повеќе од дом, а секое тежнение да се пронајде или изгради е обессмислено од егзистенцијалната криза, војните и политиката. Вењка искушеник, цитира еден монах кој ја предвидел состојбата во светот: „Во манастирот ќе биде како во светот, а во светот ќе биде како во пеколот“. И навистина она што вознемирува е фактот што денес не сме повеќе сигурни како би требало да изглегда тој свет. Човекот на иднината ќе мора барем да се обиде ДОМОТ да го најде во друг ЧОВЕК. КЛАП-Колашински аматерски театар од Колашин-Црна Гора, со пиесата „Авионспотиг“ во режија на Зоран РАКОЧЕВИЌ, а на младата авторка Ива БРДАР не вивна во облаците, патувавме со авион, но за жал моравме да се приземјиме. Лена и Никола се главните ликови во оваа едночинка, дијалогот се одвива по овој ред: „ Лена: А што ако некој се сруши директно на нас; Никола: Па знаеш дека јас секогаш носам чадор; Лена: Тогаш идниот пат понеси мердевени па да се искачиме на некој од тие авиони и исчезнеме од тука, накаде далеку, далеку… дали би можеле, а Никола?; Никола: Па би можеле. Само јас никогаш не сум летал со авион; Лена: Ќе видиш. Тоа мора да е вистинска авантура; Лена: Да проверам кога е следниот лет…; Лена: Следниот е кога ќе посакаш; Никола: Тогаш договорено; П а у з а. Лена: Летаме со тој бонгот 747 оттука…; Никола: … од овој бетон…; Лена: … од овие антени…; Никола … и громобрани.; Никола: А каде ќе одиме?; Лена: Не знам, секаде“. „Уште еднаш ви честитам за играта. Многу комплексна претстава, ама… прекрасна. Беше се во ред, се што треба да има претставата сте направиле. Едноставно, немам ниту една забелешка како е поставена претставата, за сценографијата, костимографијата, се беше супер“, вака им се обрати на четворицата актери од претставата „Авиоспотинг“, водителот на разговорите Димче НИКОЛОВСКИ, м-р по режија. На разговорите учествуваа и дел од гледачите и се согласија со оценката на водителот дека претставата и актерите на „Авиоспотинг“ ја поминале линијата на аматеризмот, претставата е на рамниште на професионализмот“; Во вечерниот термин имавме можност да присуствуваме на панел дискусијата на тема глобализација. Медијатори беа актерите на Драмското студио при ЈОУ Дом на културата „Бранд Петрушев“ од Богданци, а воведничарот италијанскиот нобеловец и драмски автор Дарио ФО со темата „Без пари или не плаќам“ во режија на Кире ЃОРЃИЕВ. Авторот секогаш искажувал желба, кога неговите пиеси ќе се поставуваат надвор од италијанските театрски сцени, режисерите на нивните сцени да го „извадат“ најтипичното за регионот и државата. Пиеста е остра осуда на глобализацијата, иако настанала многу пред тој термин да биде измислен. Структурата на драмскиот текст и начинот на кој Фо го разбира и образложува поимот глобализација е дека човековото секојдневие и мака не се осамени, човековото место во денешниот степен на цивилизираност навистина е доведен во пршаење. Дехуманизацијата на човековото општество, оттуѓеноста и непрепознавањето на поединецот во тој процес е темата на оваа пиеса.

Драмските аматери од Богданци се обидоа да прикажат дел од нивното опкружување, да создадат веродостојна ситуација од секојдневието на југот од државата; На медитеранот во местото Аркадија, во поезијата земја на „среќните овчари“, бевме на „Рибарски караници“ од Карло Голдони, а во режија на Сара ИЛИЌ. Во навидум безгрижниот живот на мештаните во кои не воведоа ликовите од пиесата, поточно Драмската секција про СОУ Гимназија „Гоце Делчев“-Куманово. Но, не е се онака како што изгледа. Тоа не е место кај што единствен проблем е темпераментот на луѓето кој ги доведува до ситни недоразборања и караници, но на крајот се` се завршува среќно. Тоа е преубаво место во кое живеат несреќни луѓе ко го работат она што не го сакаат, кои имаат визии и амбиции за нешто што никогаш нема да дојде. Тоа е место кај што владее невкусот и кичот. Сите караници произлегуваат од фрустрациите и никогаш не завршуваат добро. Тоа се луѓе мошне слични на нас, со проблеми со кои и ние се соочуваме секојдневно. Тоа е причината поради која „Рибарските караници“ и денес се занимливи. Сара Илиќ, и самата премлада за сериозна работа како што е режирањето на претстави, е во завршна година во кумановската гимназија, по претставата изјави: „Искрено да ви кажам нам, на сите од драмската секција, ни беше огромна чест што сме примени на еден ваков фестивал, за што сме многу благодарни. Јас, само сакав актерите да излезат на сцена и да уживаат и воопшто да не се секираат дали публиката ќе се смее, ќе плаче или било што друго. И тие го направија токму тоа, задоволни се, гледате“; Најмладите кочанчани во светот на детската фантазија патуваа заедно со Теодор Сус ГЕЈЗЕЛ и неговата „Мачка со шапка“ во драмска адаптација на Кристина ТОДОРОВСКА ПЕТРЕСКА, а во режија на Јасмина БИЛАЛОВИЌ, во изведба на најмалечките членови на Детско драмско студио при Центар за култура „Григор Прличев“ од Охрид. Драматургот во Народниот театар-Охрид изјави: „Задоволни сме од реакцијата на публиката, беше интерактивна, полна сала, одлично ја пречекаа претставата, со овации, им помогнаа на нашите членови да го дадат најдоброто од себе. Тоа всушност е формулата за добра претстава. Намаерата да се постави овој текст и воопшто да се адаптира за сценска игра, беше токму тоа, да се покаже дека децата треба да се здрави, весели, напати бесни, полнокрвно да живеат и да се забавуваат во своето детство“; Здружението на граѓани „ЦУГ“ од Врање, заедно со „Водач“ на Радое Домановиќ, а во адаптација и режија на Бојан ЈОВАНОВИЌ не поведоа на пат во ветента земја. Помеѓу библиската приказна за ветената земја и Домановиќевата приказна постои разлика; во Библијата е раскажана една легенда, една од многуте кои ја сочинуваат легендарната историја на израелскиот народ; приказната на Домановиќ на ироничен и сатиричен начин е раскажана приказна за еден народ и неговиот водач; тука и народот и водачот се на удар на остра и налутена иронија. Секој детал на патот кон ветената земја е зафатен со иронија; од секоја реплика или дијалошка секвенца избива силна иронија. Авторот не го истакнува поединецот, нему поединецот не му е битен, битна е човековата заедница, народот. Затоа овде ниту еден лик нема име, се слушаат само гласови кои не се индивидуализирани, кои се само делови од хорскиот говор на масите, толпата, пучанството. Имал за цел да се потсмева, нималку добронамерно, туку мошне остро, дури саркастично, на заслепеноста на масите, народот, кој следи неспособни и непроверени водачи кои не можат да го изведат на правиот пат, напротив го доведуваат до уште полош ќорсокак. „Каде не водиш и каде не донесе?… Двеста семејства поведовме по тебе, а сега преброј не да видиш колку останавме. – Па зар не сте сите на број?… –Па како прашаш така? Подигни ја главата, погледни, преброј не колку сме останати на овој несреќен пат! Поарно и да не останавме отколку што останавме вакви накази! –Не можам да ве видам!… –Зошто? –Слеп сум! Настана тишина. – По пат ли го изгуби видот? –Слеп сум се родил“. „Кочани е убав град, многу ни се допаѓа, прекрасен театарски простор, публика. Можам да кажам, секогаш кога играме во Македонија, убаво сме примени, ама овде, кај вас, во Кочани, наидовме на најискрена и најспонтана публика, на срдечност што не се среќава секаде. Навистина ни е убаво во вашиот град“, восхитено и искрено изјавија актерите од Врање; Со Аматерската театарска сцена при Дом на културата „Пиво Караматијевиќ“-Прибој од Србија се прошетавме низ Прибојската „Чаршија“ драмско дело на Душан Јанкови кое за своја основна идеја има за цел да ги истражи општествените норми во етнички и идеолошки разнолики заедници, кои ја поттикнуваат потребата за промена и усвојување на граѓанските норми. „Чаршија“ ни прикажува како паланечкото секојдневие, муабетите во чаршијата од седумсетите години на минатиот век, ги третирале прашањата за љубовта, слободата, човекот и критичкото размислување. Ентусијазмот е својствен за драмскиот аматеризам, но не се среќава често кај професионалните актери и режисери. Исклучокот во овој случај кој го потврдува правилото е Милорад Дамјановиќ, роден прибојчанец, актер на Београдско драмско позориште, режисер на претставата, кој се ангажирал на обидот да го активира аматерскиот театар во својот град. „Мојот мотив за сета оваа приказна е чиста емоција, вели Мики Дамјановиќ. Среќата и радоста што ја чувствувам во својот роден град, работејќи нешто за општо добро и за луѓето кои ги сакам, бесценети се. Посакувам аматерскиот театар, од кој и самиот сум потекнал, да го врати стариот блесок. Заборавив колку е аматеризмот убав и разбрав, уште еднаш, колку треба да го чуваме и негуваме, бидејќи само така, покрај останатото се чува идентитетот на еден мал град кој има уште многу од тоа да и даде на својата земја. Режисерот, на разговорите по претставата изјави дека ја направил „Чаршија“ поради Ибрахим Хасанагиќ, носител на главната улога, кој цели 40 години бил на драмската аматерска сцена во Прибој. Дамјановиќ го смета Хасанагиќ за чувар на културата во нивниот град. Претставата во Прибој се играла 7-8 пати. Се барало билет повеќе. Девојчиња заљубени во момчиња од друга религија ги воделе во театар своите мајки, за да сватат што е љубов и колку разбирање треба за оние што се сакаат, а по нешто се разликуваат“; На крајниот север од земјината топка отпатувавме со Ибзеновата драма „Домот на куклата“ („Нора“) во режија на Ирена БАЧИЌ што ни го овозможи Драмската секција „Гимназијалци“ при „Св. Климент Охридски“-Охрид. Претставата спакувана во класичен сценски формат, пропратена со жива музичка изведба, со мошне квалитетен вокал, создаде вистински новогодишен амбиент во кој се одвиваше борбата на главната јунакиња Нора. Драмската игра на охридските средношколци имаше за цела да го покаже процесот на самосвестување на главниот лик, за нејзиниот живот и воедно не покани сите присутни барем за момент да ги откриеме нашите животи ( а секое откривање секогаш е болно), да се соочиме со самите нас, дека самите се имаме претворено во кукли. Дали ние самите му се предаваме на општествениот систем и стануваме кукли, играчки или пак општествениот систем од нас создава кукли-марионети. Конечно, нај на крај, драмата ја открива вистината за трејната чоевкова осаменост и оттуженост, без обзир на бракот, и потребат апоединецот индивидуата да го открие сопствениот идентитет и го истакнува правото на поединецот на слободен избор; Битолските „Слугинки“ од Жан Жене, а во режија на Димитар ШУТЕСКИ во изведба на „Интимен театар-Без маска“ се обидоа да проговорат за Слободата. „Претставата Слугинки е метафора на слободата, Слободата да се сака, твори, живее, работи, љуби, но слободата неможе никој да ни ја подари, туку секој од нас сам треба да ја освојува. Метафора на нашето денешно живеење, на нашата скочанетост, стравовите, желбите, копнежите. Тие се приказна за нашето секојдневие, кое е катаден на нашиот животен пат, слично на излозите на продавниците кои се преполни со убави и шарени нешта, но и сознаниетоо дека тие сепак се зад прозорецот, зад стаклената преграда која ни предочува за неможноста да ја дофатиме посакуваната, копнежливата ставрност и не потсетува и упатува дека животот е некаде на друго место, за кое мора да се избориме“; Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје ни приреди нескојдневна и возбудлива средба со великанот на светската драматургија Антон ПАВЛОВИЧ ЧЕХОВ. Испитната претстава на студентите по актерска игра од втора година во класата на вон. проф. м-р Зоја БУЗАЛКОВСКА и демостраоторт м-р. Александар СТЕПАНУЛЕВСКИ, не вратија некаде во почетокот на XIX век и бевме сведоци на случувањата кои се одвиваа во еден провинциски руски град каде живее семејството Прозоров: трите сестри Олга, Маша и Ирина, и братот Андреј, овојпат насловена „ПАК ТРИ СЕСТРИ“. Иако се имат доселено пред единаесет години од Москва, сестрите Прозоров никогаш не се навикнале на животот во провинција. Москва е просторот на душите на трите сестри, волшебно решение за сите проблеми. Москва е иднината во која ќе започне прав, вистински живот бидејќи сегашниот е само сон и привремена состојба. Дејствието на ова драма се заснива на трагичноста на ликовите и на чувството за беспомошност и безнадежноста кои без оглед на вечниот оптимизам не исчезнуваат. Покрај темата за љубовта, драмата ги анлизира социјалните, моралните и психолошки компоненти. Трите сестри го устоличуваат поимот убавина и префинетост, и желбата за подобар живот, но сепак, во немоќта да си помогнат самите себе, се потчинуваат на жената од својот брат. Карактеристиката на ликовите во драмата е никој меѓусебно да не се слуша и едни и со други да не успеваат да си помогнат. Драмата завршува со монолози на сестрите кои ја откриваат нивната спознаја за неможноста во иднината да се случи било што добро и осуденоста на бесмислен живот.

Управниот одбор на седницата од 26. февруари 2016 ја потврди одлуката за објавување на 52-то издание на ДАФ на Македонија-Кочани 2016 и на својата интернет страница беа поставени следните документи и одлуки: Покана за учество, Правила за организиарње и учество на ДАФ и Пријава на драмски проект за учество во изборот на претстави. Од почетокот на месец февруари до 30. април 2016 година нашата интернет страница беше посетна од 543 заинтересирани и можни кандидати за пријавувње на изборот на претстави за ДАФ на Македонија-Кочани. На адреса на фестивалот и меилот пристигнаа пријави и цд записи од претстави/ проектите на следните домашни и странски аматерски драмски другарства:

1. КД Стична – „Дрзне ин лепи“- Иванчна Горица, Словенија
Вилијам ШЕКСПИР – „ХАМЛЕТ“
режија: Трајче ГЈОРГИЕВ
2. „Колашинско позориште“-Колашин, Црна Гора
Ива БРДАР – „АВИОНСПОТТИНГ“
режија: Зоран РАКОЧЕВИЧ
3. Дом на културата „Пиво Караматијевиќ“- Прибој, Србија
Аматерска позоришна сцена
Душан ЈАНКОВИЧ – „ЧАРШИЈА“
режија: Милорад ДАМЈАНОВИЧ
4. М А Т – Куманово
Игор ТОРКАР – „ШАРЕНАТА ТОПКА“
режија: Стоје ДОДЕВСКИ
5. ЈОУ Дом на култура „Бранд Петрушев“ –Богданци
Дарио ФО – „БЕЗ ПАРИ ИЛИ НЕ ПЛАЌАМ“
режија: Кире ЃОРЃИЕВ
6. Гимназија „Св. Климент Охридски“ – Охрид
Хенрик ИБЗЕН – „ДОМОТ НА КУКЛАТА“/ „Нора“
режија: Ирена БАЧИЧ
7. ЈОУ Дом на културата „25-ти МАЈ“- Валандово
Тенеси ВИЛИЈАМС – „СТАКЛЕНА МЕНАЖЕРИЈА“
режија: Кире ЃОРЃИЕВ
8. Дом на млади – Штип
Театарче за слушање и гледање
Трајче КАЦАРОВ – „ЧЕКАЧОТ“ (монодрама)
режија: Трајче КАЦАРОВ
9. КУД „Гоце Делчев“ – Босилово
Карло ГОЛДОНИ – „АРЛЕКИН-СЛУГА НА ДВАЈЦА ГОСПОДАРИ“
режија: Стојан ВЕЛКОВ-ТРН
10. НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид
Детско драмско студио
Теодор СУС ГЕЈЗЕЛ – „МАЧКА СО ШАПКА“ ( драмска адаптација на
Кристина ТОДОРОВСКА ПЕТРЕСКА)
режија: Јасмина БИЛАЛОВИЌ
11. СОУ Гиназија „Гоце Делчев“ – Куманово
Драмска секција
Карло ГОЛДОНИ – „РИБАРСКИ КАРАНИЦИ“
режија: Сара ИЛИЌ
12. СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Скопје
Театарска група „Адоблос“
Горан СТЕФАНОВСКИ – „ТЕТОВИРАНИ (ВИСОКО ВРЕДНИ) ДУШИ“
Емилија ВЕЛИЧКОВА
13. НУ Центар за култура „Кочо Рацин“ – Кичево
Аматерски театар
Велко НЕДЕЛКОВСКИ – „ВТОРАТА СМЕНА“
(драматизација Весна КУСЛЕСКА)
режија: Михајло ПЕТРЕСКИ
14. СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес
Људмила РАЗУМОВСКАЈА – „ДОМА“
режија Слободанка ЧИЧЕВСКА
15. Интимен театар – Битола
Театарска група „Без маска“
Жан ЖЕНЕ – „СЛУГИНКИ“
режија: Димитар ШУТЕВСКИ
16. Агенција „МАРВИК-С“ – Врање, Србија
Глумачка трупа „Оптимисти“
Андре ПОПВИЧ ДАСКАЛ-„МЕЧКА“
режија: Драган ЖИВКОВИЧ ДУРГЕ
17. Драмско студио „ЦУГ“ -Врање, Србија
Радое ДОМАНОВИЧ – „ВОДАЧ“
режија: Бојан ЈОВАНОВИЧ
18. СОУ „Перо Наков“-Куманово
Драмска секција
Бранислав НУШИЌ – „ГОСПОЃА МИНИСТЕРКА“
режија: Сашо ТОДОРОВСКИ и Александра ГЕОРГИЕВСКА
19. Дом на културата „Мирка Гинова“-Демир Капија
Аматерски театар
Васил ИЉОСКИ – „ЧОРБАЏИ ТЕОДОС“
режија: Димче БАЊАНСКИ
20. Дом на културата „Мирка Гинова“-Демир Капија
Аматерски театар з Деца и младинци
Мице ПАШОЕВСКИ – „КРАЛСКИ ЗЕТ“
режија Димче БАЊАНСКИ
21. АУКДМ „Креативити“ – Прилеп
Николче ДИМЕСКИ – „ КРАЛСКИ ФЕСТИВАЛ“
режија: Влатко ПЕТКОСКИ
22. Трупа Омладински савез – Врање, Србија
Иван ЦАНКАР – „КРАЉ БЕТАЈНОВЕ“
режисер: Марија МЛАДЕНОВИЧ
23. НУ Центар за култура „Бели мугри“ – Кочани
Антон ПАВЛОВИЧ ЧЕХОВ – „ПРОСИДБА“
режија: Трајче ЃОРЃИЕВ
24. Училиште за дополнителна настава на Словенечки јазик-Скопје
Драмска секција
Даниела ТРАЈКОВСКА и Бобан ТРАЈКОВСКИ
„ПАУЛИХА НЕ САКА НА УЧИЛИШТЕ“
режија: Бојан ЛАЗАРОВ
25. СОУ „Ѓорче Петров“-Крива Паланка
Драмска секција „Тартиф“
МОЛИЕР – „ТАРТИФ“
режија: проф. Лиле СТОЈАНОВСКА и проф. Жаклина ЦЕКОВСКА
26. „Смук театар“ – Ковињ, Србија
Вулиќ НЕНАД – „СВЕ ПО СПИСКУ“
режија: Дејан МЛАДЕНОВИЌ
27. Младинска сцена при Интимен театар
Валентин ДАМЧЕВСКИ – „ВИНДИКТА“
режија: Валентин ДАМЧЕВСКИ
28. „МРАК ТЕАТАР“-Жупања, Република Хрватска
Цветин АНИЧИЧ -„МАРИКА“
режија: Цветин АНИЧИЧ

Впечатлива и интересна за одбележување е појавата и моментот со аматерските театри кои од Министерството за култура наназад повеќе години добиваат парични средства за подготовка на драмски проекти. Но, мошне мал број од нив се јавуваат на објавата за учество во изборот на театарски претстави на Драмскиот Аматерски Фестивал на Македонија-Кочани?! Немаме ниет да наметнеме наше мислење или пак да сугерираме дека мора или треба да учествуваат на фестивалот, но барем да се одважат да се појават на сцената и да се натпреваруваат. Што ќе рече, тоа е во нивна полза и за нивна афирмација.

Управниот одбор на фестивалот, на септемвриската седница (09.09.2015 год.), расправаше за именување изборник/селектор за 52. издание не ДАФ –Кочани 2016. Образложувајќи ја потребата од благовремено отворање и размислување за изборник за 2016, извршниот директор Благој Пенов понуди мислење дека годинава таа задача треба да се довери на лице, учен и стручен поединец кочанчанец, кој бил повеќе години дел од драмскиот аматеризам и непосреден учесник. Мислењето го поткрепи со фактот што во градот има дванаесет дипломирани актери и режисери кои творат во областа на тетарот, и во 2016 година Кочани ќе одбележи вреден културен настан „Кочани 40. години фестивалски град“. Присутните се согласија со мислењето и образложението, го ополномоштија извршниот директор да отпочне разговори со повеќето од нив и на наредната седница да се донесе конечна одлука. Фестивалската управа се определи и донесе одлука за изборник/селектор со двегодишен мандат да се именува Дарко СПАСОВ, дипломиран проф. и м-р по драматургија. Изборот на претставите, селекцијата претставуваше вистинско „уметничко дело на Дарко Спасов“, тој пред граѓанството понуди разновиден и богат театарски свет со сите компоненти на сценската уметност. Свет на актери исполнет со возбуда и среќа, со сценска игра и ентусијазам што се дел од македонската аматерска театарска сцена, режисерски решенија во кои може да се наслутат елементи на почетен професионализам.

Определбата фоајето-влезната партија, односно просторот пред влезот во театрскиот салон да се преуреди и намени за разговорите по секоја одиграна претстава се покажа како мошне полезна за севкупниот развој и остварувањето на фестивалските содржини и проекти. Разговорите ги анимираше и мошне успешно ги моделираше м-р Дмиче Николовски, режисер, при што имаше вредна подршка од посетителите, од драмските аматери актери/учесници на фестивалот, од компетентни режисери и актери, театарски критичари и учени граѓани и гости во фестивалската седмица.

Оценувачката комисија, жирито во состав: проф. Здравко Митков, универзитетски професор од Софија, Република Бугарија и домашните-кочанските драмски уметници, актерите: Јанка Лефкова и Благојчо Стојанов, доверената задача совесно и успешно ја окончаа. Одлуката е составен дел од извештајот.

Организациониот дел: прием, сместување и испраќање на драмските аматери и гости го имаа членовите на Драмско студио „Годо“ при НУ Центар за култура „Бели мугри“-Кочани и нивниот ментор-координатор Кристина Атанасова-Арсова. Доверените работни задачи и обврски, одговорно и со младешки елан и сенс ги извршуваа: Александар Арсов, Марија Ѓорѓиева, Тодор Ѓорѓиев, Нина Лаковиќ, Рената Стојановска, Адријан Стефановски, Владимир Игнатов, Јована Јорданова, Зорица Митева, Емилија Стојановска, Јована Савева и Драгана Савева.
Техничко-административниот тим го сочинуваа: Тони Ѓорѓиев, светло мајстор, Влатко Мишов, тон мајстор, Елка Тодорова, благајник-билетопродавач, Љубица Петрова, економ-портир, Танас Дедов, изработувач на реклмани панои, Илија Стефановски, одржувач на веб страницата на фестивалот. За книговодственото работење одговарен беше Васе Коцев, овластен книговодител. Билтен мајсторите: Коце Стојменов и Илија Стефановски подготвија и издадовме три броја билтени со вкупен тираж од 180 броја, а компјутерската подготвока и печатењето го организиравме со Благојчо Гранков.

Информирањето во целост се одвиваше преку социјалните мрежи и електронските медиуми на нашите водечки весници и локални електронски списанија: „Дневник“, „Вечер“, „Локално.мк“, „Охрид њуз“, „ТВ Сител“, „КУЛтура“, „ФМ Радио Кочани“, „ТВ Канал 8“, „ТВ Кочани“, „ТВ СТАР-Штип“, „ТВ Канал плус-Штип“ и други.

Паричната поткрепа и финансиска сигурност и овој пат пристигна од Министерството за култура на Рапублика Македонија, Советот на Општина Кочани и Градоначалникот на Кочани. Свој удел во овој сегмент од организирањето на фестивалот имаа и: Гостилницата „Огниште“-Кочани, „Еуро Хотел-Градче“-Кочани, Хотел „Ледер“-Кочани и печатница „Европа `92“-Кочани кои со пристапните цени и услуги придонесоа за успешното одржување на фестивалот.