„Македонска рок енциклопедија“ опфаќа преку 2 500 луѓе коишто ја одбележале културата на еден народ, луѓе кои со инструменти во раце го создавале идентитетот на еден народ. Книгата е моја почит кон трудот што го вложиле овие луѓе во безмалку пет и пол децении. Она што знаев да го направам, сум бил музичар скромен, краток период, меѓутоа, она што сакав да го направам, тие луѓе што го формирале мојот живот, од кои сум учел, да најдам начин да им оддадам почит. Тоа е оваа ’Македонска рок енциклопедија’, дело кое секој народ што држи до себе, секоја нација мора да го има. Рокен ролот веќе не е забава за деца, тоа е нешто што има традиција, историјаат, култура, тој е филозофија, начин на живот што го одбележува човештвото во 20 и 21 век.

Македонија мораше ова да го добие, мене ми е гордост што јас успеав да го направам тоа. Не е мал труд, не е малку време, затоа задоволството е големо, пресреќен сум“, видно возбуден после промоцијата на неговата енциклопедија за македонскиот рок, изјави, Тошо Филиповски, роден кочанчанец, човек од и за културата. Промоцијата се одржа во Паркот на Револуцијата и е дел од придружните манифестации на ДАФ на Македонија, кој годинава го брои 55 – то издание, а 42 – пати последователно домаќин е Кочани.

На наше прашање, колку има кочанско во Македонската рок енциклопедија, Филиповски ни рече: „Овој момент не сакав да го кажам, но ќе го споменам. Со најдобри намери, не би сакал некој да ме свати погрешно, сакам во најмала рака Кочани да биде центарот на културата во Источна Македонија, тоа е некој мој сон на „клинец“ што живеел во Кочани и го сакал, истовремено знаејќи дека некогаш во втората половина на седумдесетите Кочани и бил културен центар на музиката. Главните гитаријади, фестивали се случувале во Кочани. Нејсе, она што мене ме заболе како кочанчанец што Кочани, Општината, не најде интерес да биде подржувач на ова издание.

Формално аплицирав за некои симболични средства, затоа што сакав грбот на градот да биде дел од ова издание. Сеуште и за жал немам добиено никаков одговор. Од друга страна, сакам да кажам дека сум огромен оптимист, дека оваа нова гарнитура може во многу нешта културата во Кочани да ја придвижи кон подобро. Само е потребно добра воља од сите структури, а гледам дека постојат луѓе кои што сакаат да ја средат културата и верувам дека во најблиска иднина, за пар години, Кочани ќе биде културен центар, во сите сфери, не зборувам само за музиката. ДАФ, она што се случува деновиве со неговата програма, вчера и денес што видов на фестивалот, тоа е огромен чекор кон подобро. Кочани треба да живее со културата, Кочани е урбан центар, во Кочани живеат урбани луѓе и тие заслужуваат да имаат подобар културен живот“.

На промоцијата свој настап имаше Васко Атанасоски.