DAFKOCANI.com

Switch to desktop Login

Наративен извештај за изминатиот 53- ти ДАФ на Македонија

DSC017571

ДРАМСКИ АМАТЕРСКИ ФЕСТИВАЛ НА МАКЕДОНИЈА – КОЧАНИ 2017...НАРАТИВЕН ИЗВЕШТАЈ


„Секој поединец може да изгради свој свет,
бидејќи светот кој ние го гледаме
е само производ на толкување“
Умберето ЕКО
Во почетокот на месец февруари на Собранието на Здружение Драмски Аматаерски Фестивал на Македонија-Кочани разгледувајќи ги и усвојувајќи ги извештаите: Наративниот извештај за активностите и остварените програми и проекти во 2016 година и Извештај за паричното работење, во текот на расправата искажаа мислења кои, и покрај скудното февруарското сонце, ја затоплија атмосферата и ја оснажија вербата и надежта пред подготвителниот период за претстојното 53-то издание ДАФ на Македонија-Кочани 2017. Членовите на Собранието недвојбено констатираа дека е остварен содржински богат фестивал, исполнет со квалитетна драмска понуда и придружни манифестации.
Еден значаен момент која го определува текот и развојот на фестивалот е неговата парична моќ. Повеќе години наназад се обидуваме да го подобриме и зголемиме фестивалскиот буџет, сепак и во минатата година останавме на истата парична сума со што дел од нашите програми и проекти не бевме во можност во целост да ги остваруваме, констатираа членовите на Собраниео.
Станува збор за обезбедување еднодневен паниосн за сите учесници во звршната фестивалска седмица, односно да можат меѓусебе да се запознаат, да другаруваат, да разменат мислења и што е можеби најбитното да ја проследат претставата на „противникот“-на другите учесници.
Со заложба годинава фестивалот да биде уште повеќе содржински богат, разновиден, со квалитетна аматерска драмска продукција, собранието оценувајќи ја работата на изборникот се определија да го потврдат и за уште една година го продолжат именувањето на Дарко Јан СПАСОВ за изборник на 53-то издание на ДАФ-Кочани, со што се отпочна со остварувањето на плановите и проектите од Програмата на ДАФ-Кочани 2017.
Имено, по добивањето на договорот за финансирање на фестивалот од страна на Министерство за култура на Република Македонија и позитивниот одговор од Советот на Општина Кочани и Градоначалникот, се пристапи кон објавување на фестивалот. На нашата интернет страница ги објавивме: Покана за учество во изборот на претстави; Правила за остварување и организирање на ДАФ-Кочани и Пријава за учество во изборот. Во април месец нашата интернет страница имаше голема посетеност и интерес за понудата, но конечно до крајот на април месец на нашата меил адреса пристигнаа триесет и четири (34) пријави и снимени ЦД записи од претставите од пријавените во изборот на претстави за ДАФ-2017.
Задовилителна бројка, смел и мошне квалитетен избор на драмски текстови и автори, избор кој сепак го направиле „аматери“, збор кој кај нас се употребува со доза на омаловажување, а треба со почитување, зашто станува збор за уметност, која може да биде убава, естетска или пак груба и лоша изведба. Ваквиот став кон аматеризмот доаѓа и од непознавањето на значењето на зборовите лаик и дилетант. Каки да е, да спомнеме само неколку автори, од домашните: Војдан Чернодрински, Коле Чашуле, Русомир Богдановски, Дејан Дуковски, Томислав Османли, Бошко Смаќовски, Петре М. Андреевски, а од странските: Славомир Мрожек, Јордан Радичков, Данил (Иванович Јувачев) Хармс, Луис Карол, Френсис Вебер, Вилијам Шекспир, Људмила Разумовскаја, Жан Батист Молиер...
Еве ја листата на пријавени и пристигнати ЦД записи од драмските проекти на аматерските драмски другарства од Република Македонија и странство:
1. ООУ „Ванчо Прке“-Делчево
Драмска секција
Македонска народна приказна
„ЛОШАТА МАЌЕА“
режисер: Јована СТОЈАНОВСКА
2. ООУ „Ванчо Прке“-Делчево
Драмска секција
Македонска народна приказна
„ПАМЕТНИТЕ И ГЛУПАВИОТ“
режисер: Натали БОГДАНОВА
3. ООУ „Ванчо Прке“-Делчево
Драмска секција
Маријана СТОИМЕНОВСКА
„ТОКМАЦИТЕ И БИЉБИЛОТ“
режисер: Маријана СТОИМЕНОВА
4. Асоцијација за уметност и култура
на деца и млади „Creativity“ – Прилеп
Никола ДИМЕСКИ
„ПЛАН ЗА СТАН“
режисер: Влатко ПЕТКОСКИ
5. Национална установа Центар за култура
„Кочо Рацин“ - Кичево
Бошко СМАЌОВСКИ
Драматург: Весна КУСЛЕСКА
„ГОЛЕМИ И МАЛИ“-лектира за деца
режисер: Михајло ПЕТРЕВСКИ
6. ЈОУ Дом на културата
„Бранд Петрушев – Богданци
Петре М. АНДРЕЕВСКИ
„ГОЛЕМАТА МАЈКА – ВЕЛИКА“
режисер: Кире ЃОРЃИЕВ
7. НАТГ „Аматер“ – Охрид
Дејан ДУКОВСКИ
„БУРЕ БАРУТ“
режисер: Јован ЦВЕТКОСКИ
8. ООУ „Васил Главинов“ – Велес
Лила АРСОВА
„ЈАРИЊА ИЛИ МАГАРИЊА“
режисер: Лила АРСОВА
9. Интимен театар-Битола
Младинска сцена
Ана ЖЕЖОВСКА, документарни материјали
„ДИСФУНКЦИЈА“
режисер: Димитар ШУТЕВСКИ
10. Отворена сцена Театар „Чекори“-Скопје
Младинска сцена
Весна ОГЊЕНОВИЌ и Будимир НЕШИЌ
„ПОЗДРАВИ НЕКОГО“
режисер: Петко КОСТОВСКИ
11. ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово
Драмска секција
Ученици од Трета година-учесници во претставата
„ЉУБОВТА НЕ ПОЗНАВА ГРАНИЦИ“
режисер: Васвија ДЕСТАНОВСКА
12. ООУ „Св. Климент Охридски“, „Лирија“-Житоше
и ООУ Добре Јовановски“-Прилеп
Јулијана ТАЛЕСКА
„ЗАЕДНО МОЖЕМЕ НАЈДОБРО“
режисер: Јулијана ТАЛЕСКА, Аднан МЕХМЕТИ
и Ирмела ПАПИЌ
13. Аматерска театар „Куманово“ – Куманово
Русомир БОГДАНОВСКИ
„НИШТО БЕЗ ТРИФОЛИО“
режисер: Стоје ДОДЕВСКИ
14. ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“- с. Иванковци, Велес
Луис КРОЛ
„АЛИСА ВО ЗЕМЈАТА НА ЧУДАТА“
режисер: Наташа БРЕЗОВСКА-БОГОЕВСКА
15. НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп
Театар „Војдан Чернодриндски“
Театарска работилница Прилеп
Сузана ЃОРЃИЕВСКА
„СОНУВАЧОТ,КУПУВАЧОТ И УШТЕ НЕШТО...“
режисер: Игор ТРПЧЕСКИ
16. СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“-Скопје
„Дрим тим ЈБТ“
Вилијам ШЕКСПИР – (адаптација)
„РИЧАРД III“
режисер: Ана ВАРЕЛОВА и Емилија ВЕЛИЧКОВА
17. КУД „Бранко Радичевиќ“-Стара Пазова, Република Србија
Драмски студио
Френсис ВЕБЕР
„ВЕЧЕРА БУДАЛА“
режисер: Александар БАКО
18. СОУ „Никола Карев“-Струмица
Драмска секција
Томислав ОСМАНЛИ
„БОМБИТЕ ВО САЛОНОТ „БУМС“
режисер: Кире ЃОРЃИЕВ
19. Младински образовен форум-Скопје
Театар „Kunstwerkstatt“
Данил Иванович Јувачев ХАРМС
„ИЛУСТРАЦИИ ЗА ТОА КАКО ИДЕЈАТА ГО
ЗАПРЕПАСТУВА ЧОВЕКОТ КОЈ НЕ Е СПРЕМЕН ЗА НЕА“
режисер: Наталија ТЕОДОСИЕВА и Јаков СПАСОВ
20. ОУ „Крсте П. Мисирков“-Радовиш
Драмска секција Лујза СПАСОВА
„ЛЕНЧЕ КУМАНОВЧЕ“
режисер: Лујза ПОСТОЛОВА и Томе ПОСТОЛОВ
21. ЈОУ Дом на културата „25-ти МАЈ“-Валандово
Аматерска група
Људмила РАЗУМОВСКАЈА
„Д О М А“
режисер: Кире ЃОРЃИЕВ
22. ОУ „Крсте П. Мисирков“-Радовиш
Драмска секција
Оливера НИКОЛОВА
„СРЕБРЕНОТО ЈАБОЛКО“
режисер: Томе ПОСТОЛОВ
23. Театар „Малиот принц“-Богданци
Катерина ЧРЧЕВА
„МАМА ИМА ГЕРМАНСКА ПЕНЗИЈА“
режисер: Катерина ЧРЧЕВА
24. Словенечка театарска група - Скопје
Милан ДЕКЛЕВА
„ЛЕНЧА ФЛЕНЧА“
режисер: Ангела СТОЈАНОВСКА
25. Национална установа Центар за култура-Крива Паланка
Драмско студио
Владимир ЃУРЃЕВИЌ
„НЕ СЕ ОБЛОЖУВАЈ НА АНГЛИЧАНИ“
режисер: Глигор ЦВЕТКОВСКИ
26. Здружение на пензионери-Куманово
КУД „Ѓоко Симоновски“
Драмска работилница
Кабаретска претстава
„У КАФАНЧЕ КАРШИ СТАНЧЕ“
режисер: Лазар ЃОРЃЕВИЌ
27. НУЦК „Бели мугри“-Кочани
Аматерски театар
Луис КАРОЛ
„АЛИСА ВО ЗЕМЈАТА НА ЧУДАТА“
режисер: Кристина АТАНАСОВА-АРСОВА
28. ОУ „Гоце Делчев“-Штип
Марија РИСТОВА
„БАЈКА ВО БЛИСКАТА ШУМА“
режисер: Марија РИСТОВА, Маре МИЛЕВА и Весна ЈОВАНОВА
29. Велики театар „Јагодина“ - Република Србија
Славомир МРОЖЕК
„НА ПУЧИНИ“ / „НА МОРСКАТА ШИР“
режија: Бојан МИЛОРАДОВИЌ
30. СОУ „Ѓорче Петров“-Крива Паланка
Драмска секција
Жан Батист Поклен МОЛИЕР
„ТАРТИФ“
режисер: Лиле СТОЈАНОВСКА и Жаклина ЦЕКОВСКА
31. Аматерски театар „Куманово“-Куманово
Коле ЧАШУЛЕ
„ВЕЈКА НА ВЕТРОТ“
режисер: Стоје ДОДЕВСКИ
32. СОУ Гимназија „Гоце Делчев“-Куманово
Литературни клубови и Драмски секции
Горјан ИВАНОВСКИ
„ХОТЕЛ КРИК“
режисер: Денис ПЕТРОВСКИ и Горјан ИВАНОВСКИ
33. ООУ „Санде Масев“-Струмица
Драмска секција
Горјан ПЕТРЕВСКИ
„ДНЕВНИКОТ НА МАРТА“
режија: Кире ЃОРЃИЕВ
34. ООУ „Тодор Јанев“-Чашка
Драмска секција
Војдан ЧЕРНОДРИНСКИ
„МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА“
режисер: Мирјана ЌИЧУКОВА
асистент на режија: Добринка ТАСЕВА
И годинава укажуваме на одреден број аматерски драмски другарства чии драмски активности и проекти се финансирани од страна на Министерството за култура, а кои не се одважија да го претстават својот квалитет на Македонската аматерска драмска сцена. Сигурно е дека фестивалот би добил на квалитет и сериозна конкуренција, но исто така сигурно е дека најмногу губат оние кои не се осмелиле да се натпреваруваат.
На неколку дена пред почетокот на фестивалот, поточно на 25.мај 2017 во фоајето на МНТ-Скопје беше објавен репертоарот и промовирана книгата „Вертикали“ од Иван Ивановски. Изборникот Драко Спасов ја образложи програмата за годинешниот 53-ти ДАФ 2017, при што истакна: „Изборот го сочинив по проследувањето на 34-ри пријавени драмски аматерски ансамбли од кои триесет и две се домашни и две се странски, од Република Србија. Од пријавените претстави поголемиот број беа комедии, веројатно комедијата е потреба на ова време во кое живееме, затоа се водев од определбата на сцената во Кочани да доминира ведрина, свежина, смеа, комика. И мислам дека ваквиот концепт ќе допринесе и за поголема посетеност на фестивалот“. Промотор на книгата „Вертикали“ беше д-р проф. Јелена Лужина која во својата реч истакна: „Опстојувањето на овој фестивалл во мала средина, во објективна сиромаштија, во реална и опиплива негрижност на речи си било што, што е надвор од метрополата. А особено негрижност за нешто што затоа што се вика аматерско не е елитно и има статус на споредно. Трогателна е и возбудлива вашата грижа за сето тоа што навистина се случува и што е исклучително витално, инаку не би ги ппрежвеале сите овие Сцили и Харибди, нешто што луѓето го прават од љубов, љубопитство, потреба, желба, чуствувајќи дека мора да го направат, што не се чувствува кога излегуваат сите професионални актери секоја вечер на професионалните сцени“. Извадоци од книгата читаше актерката Кристина Атанасова Арсова.
На 29.мај 2017 година со почеток во 19:50 часот во фоајето на НУ Центар за култура „Бели мугри“-Кочани, присутната културната и општествена јавност со пригодни зборови ја поздравија: г. Ратко Димитровски, Градоначалник на Кочани и г. Дејан Пројковски, режисер и актуелен директор на МНТ и лауреат на ДАФ на Македонија-Кочани. Градоначалникот Димитровски се заблагодари на драмските аматери што макотрпно работеле создале драмски претстави кои ги понудиле во изборот и им посака добредојде и угодно да се чуствуваат за време на престојот во нашиот град. Дејан Пројковски поздравувајќи ги учесниците и присутната публика, меѓу другото истакна: „Фестивалот во Кочани е расадник на млади таленти, на драмски уметници, режисери, сценографи кои своите први чекори и љубовта кон професијата ја стекнале токму овде. Отсекогаш сум го чувствуал и имал овој фестивал како свој, и кога бев гимназијалец и освоив награди и денес мислам дека ова е Македонскиот оскар, затоа игрите можат да почнат“.
Завесата на игрите, на 53-то издание на Драмски Аматерски Фестивал на Македонија-Кочани 2017 ја кренаа драмските аматери од Јагодина-Република Србија. Велики театар Јагодина се претстави со претставата „На пучини“ („На морската шир“) од Славомир Мрожек, полски драмски писател, прозаист и сатиричар. Мрожек ја продолжува традицијата на полската авангардна книжевност која ја изградиле Виткјевиќ и Гомбровиќ. Неговите дела ги карактеризираат развиената уметничка конструкција и богатство од техники и стилизации, кои се развиле од длабоко естетската свест и силните корени на културната традиција. Шармот и оригиналноста на неговите дела лежи во фактот дека тие претставуваат оригинални продолженија на правците и ставовите на полската литература од XX век. Натрупувајќи необични случки и ситуации, тој претерано карикира и портретира методи на социјална, етичка и политичка стварност во која живее. Алегорискиот свет на неговите дела и приказни е ладен и непристрасен, преполн со хумор и духовитост, но, му е додадена и прикриена тенденција на страв, што овозможува специфична дистанца во однос на дејствието и ликовите. Во својата конечна порака тој ѕвони на узбуна од апсурдниот хаос кој прети да го уништи светот.
По завршувањето на претставата во Салон 2 на Центарот за култура се одржа првата придружна манифестација, промоција на книгата „Македонскиот рис“ од Славе Ѓорѓо Димоски со ликовни илустрации на Сергеј Андреевски. За спојот на двете уметности, уметноста на зборот и бојата, говореше др. проф. Ивица Џепаровски. „Мислам дека е прекрасно што на овој Фестивал се обединуваат повеќе уметности. Уметноста на зборот, особено на поезијата се значајно присутни... Визуелниот дел, пак, е неодделив од театарот бидејќи театарот е и сценографија и костимографија и светло. И тој визуелен дел што сликарството и уметноста на сликата го додава на театарот, прави театарот да биде една синтетичка уметнсот која ги обединува сите уметности“.
Честа до го отвори Проектот Театар за деца и младинци и припадна на училиштата од Прилеп и Житоше. Имено, ООУ „Св. Климент Охридски“-Прилеп, ООУ „Лирија“-Житоше и ООУ „Добре Јовановски“ од Прилеп, школите се пријавиле и биле избрани на конкурсот „Подршка на процесот на интегрирано образование“. Воспоставиле партнерски односи и се договориле да работат театарска претстава и се определиле за текстот „Ние-Врапчињата“ кој е произлезен од романот на бугарскиот автор Јордан Радичков и од неговата досетлива критика на општеството и на луѓето. Радичков е балканскиот Сент Егзипери, она што го прави со врапчињата, е обид да се направи и со оваа претстава која мошне успешно ја изнесоа на сцена трите школи: една приказна, а две читања на истата - детско и алегориско. Врапчињата сме ние, она што се игра е општеството. Случувањата не се воопшто случајни, напротив – многупати се видени и голем дел од нас сме биле учесници во нив. Како што Радичков ги критикува појавите и конкретните карактери преку дејствувањето на врапчињата, така и ние, низ претставата допираме до сериозни теми: етнички предрасуди, неоригиналност и излитеност, социјална дискриминација, дијаспората, брзо стекнување слава без особен труд и ученост, патријархален однос. Во подготовките и остварувањето на драмскиот проект биле вклучени: родителите, наставниците, актерот Александар Тодески и пред се учениците од училиштето, особено актерите од претставата кои ги изработиле сценографските и костимографските елементи. Актерите се од македонска, албанска, бошњачка и ромска етничка припадност.
Во вечерниот термин од 19:50 часот за кој изборникот Спасов на пресот се искажа дека годинешниот фестивал ќе биде фестивал на комедијата, веселата страна на животот, малите и големи недоразбирања и секогаш актуелните случувања на полето на љубовта. Првиот обид на овој план го направија драмските аматери од Аматерски театар „Куманово“ од Куманово со претставата на Русомир Богдановски „Ништо без Трифолио“ во режија Стоје Додевски. Авторот на текстот вели дека се работи за „комедија во грчко-римски стил“. Прв чин, сцена 1 (Од куќата на Кантарион се слуша врева, писоци, кршења. Излегува Лавандула, неговата жена.) ЛАВАНДУЛА: Што дека маж ми е милионер? Што ако е најмоќниот трговец во Лихнидос, а сега член на Сенатот во Скупи кога е скржав како стипса. Кога ќе зграпчи некоја пара, да го маваш по рака нема да ја испушти.Тргува со ткаенини, со свила, а јас и ќерките одиме облечени како последните во градот. Не оти е умен, туку оти е стиснат го избраа во Сенатот. Времето било такво, требало да се штеди! Нам сите времиња ни се такви; само што ќе живнеме, ќе се опуштиме, стегај го ременот! Дома ни скусува, а надвор ги качува цените. Сега за да се истакне во Сенатот, газот ќе ни фати пајажина. Соседиве изградија палати, а ние останавме на ова куќарче од десетина одаи и на оние во Скупи, во Хераклеја, Стоби. А имаме две ќерки, златни, убави, зрели за мажење! КАНТАРИОН: Лавандула, каде си? ЛАВАНДУЛА: Под кајсија! Еве го, маж ми, Кантарион! Прв чин, сцена 2; КАНТАРИОН: Слушај ваму. Одам во Скупи. Ме викаат итно во Сенатот. Немојте да се фрлите во трошење, зашто луѓето се завидливи, ќе почнат да ломотат: „Само што влезе во собранието, почна да лапа и граба!“ Во одлуката на оценувачката комисија се засведочува дека Бисера Димитриевска за стабилното и конкретно субјективизирање на ликот на Мелиса во претставата „Ништо без Трифолио“ од Русомир Богдановски и се доделува наградата за најдобра епизодна женска улога.
Во 21:15 часот НУ Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ и драматургот Дарко Јан Спасов го презентираа преводот во ракопис на „Венецијанскиот трговец“ од Вилијам Шекспир од Тодор Лазаров Хаџидимитриев. Во ризницата на НУБ „Св. Климент охридски“ посебно место заземаат уникатни артефакти како што е ракописот од Тодор Лазаров кој датира од далечната 1908 година. Овој ракопис е од особена важност за нашата култура затоа што претставува прв превод на драмско дело од импозантниот опус на Вилијам Шекспир што го има направено еден Македонец пред повеќе од еден век. Тодор Лазаров е роден во Штип, гимназија завршил во Солун, близок соработник на Даме Груев и Гоце Делчев. Исто така бил и интелектуалец-полиглот кој одлично ги знаел францускиот, турскиот и персискиот јазик. При неговото петто апсење во 1905-та година, окован во тешки вериги го поминува патот во затворите: Скопје, Солун, Измир и во занданата во Тарабулус ал Шам, во денешен Либан. Во април 1908-та година смогнува сила да ја преведе пиеста „Венецијанскиот трговец“ од Вилијам Шекспир, соопшти пред присутните Јовица Тасевски-Етернијан, уметнички доректор на НУБ.
Работејки на драмскиот текст „Венецијанскиот трговец“ драматургот во Театар „Комедија“, Дарко Спасов во потрага по преводи на македонски јазик од постар датум, во НУБ „Св. Климент Охридски“ го открива преводот во ракопис од Тодор Лазаров Хаџидимитриев. Во овој потфат имал голема подршка од вработените во библиотеката, особено од Магдица Шамбевска.
Во ноќниот термин-алтернативта настапи Младински образовен форум – Скопје. Театарот „Kunstwerkstatt“ се претстави со драмскиот текст на Данил (Иванович Јувачев) ХАРМС, во режија на Наталија Теодосиева и Јаков Спасов. Даниел Хармс бил руски писател на апсурдот, активен во периодот 1905-1942. Бил поет, драматург, творец на премдети, поседувал луле, и воопшто, по сопствено признание, феноменален човек. Хармс може да се сака само врз основа на неговите дела, не знаејќи ништо за неговата појава и живот – но, тоа би било греота. Хармс пушел на луле, често и настојчиво. Секогаш носел костум со вратоврска, освен кога одел по улицата по гаќи, што се случувало само во посебни прилики. Се трудел, кога му се пружала можност, да се облече како Шерлок Холмс, да се храни, да ги избегнува децата и крупните кучиња. Здружението за Реална Уметност, ОБЕРИУ, го објавува своето постоење 1928. Обериу се смета за последно авангардно движење во Русија; обериутите биле чудни уметници кои клонат кон апсурдот, некоректноста и изнаоѓање на нови уметнички форми. За почеток – објавиле манифест; Хармс бил потписник. Обериутите се именувани како „литературни хулигани“; оптужени се дека нивната поезија е „бесмислена поезија“ - протест против диктатурата на пролетаријатот“. Сепак, собирањето на истомислениците продолжува; Данил Хармс, Александар Веденски, Бахтјерев, Левин и други се состанувало уште долго време откако ја напуштиле идејата за организирани заеднички настапи. Во триесетите Хармс некако преживува, а 1941 година го одбегнува служењето на војска како второстепен инвалид и не за долго бива уапсен под оптужба дека води контрареволуционерна пропаганда за време на војната. Првин го прогласуват за криминалец, а потоа за луд, и закопуваат со толку мала почит што неговата жена дознала дека умрел дури два дена по неговата смрт кога дошла да му донесе пакет во затворската болница. Умрел на 02.02.1942 год.
Случајот Хармс е расеан низ архивите и комплицираните бирократски ујдурми. Данил Хармс властите го рехабилитираат 1960 годи, па две години подоцна било напоменето дека не можел да биде рехабилитиран, бидејќи никогаш и не бил осуден, туку дека бил прогласен за лудак. Лекарот кој му ја врачил таа дијагноза и самиот потоа бил запишан во тефтерот како психопата. Михаил Мејлих, советски автор кој е апсен поради чување и распространување на антисоветски книги пишува: „Досието Хармс, патувајќи од Харков до Ленинград, денес Птербург, секако дека ќе бидат изгубени...“ Документите за СССР, откако станале на хартија „достапни за јавноста“, ја стекнале навиката да исчезнуваат. – Хармсовото досие исто така мошне вешто испарило. Претставата на МОФ – Скопје го прикажа животниот пат на Данил Хармс, а оценувачката комисија за овој аматерски драмски потфат им ја додели наградата за најдобра претстава ГРАН ПРИ „Васил К. Ќортошев“ за квалитетната колективна игра и вештото извршување на задачите во една комплицирана естетика. „Не знам што да кажам, генерално јас сум инспирирана од Хармс уште кога бев на Академија. Го истражував, го работев Хармс како студент повеќепати. Фасцинирана сум од работата и инаетот на Данил Хармс као и покрај сите саботирања што ги доживеал, тој продолжува да твори. И тоа го право онака како што тој самиот знае да го прави. И затоа на крајот ќе си плати со својот живот. Претставата што ја одигравме вечерва беше токму тоа-дека ние никогаш нема да престанеме да се бориме. Секогаш се се врти во круг. Повторно, повторно и повторно ќе се најде некој кој ќе не обвини за истото, можеби ќе не повреди, ќе не прати во лудница (како што му се случило на Хармс), во затвор. Но, секогаш вистинскиот човек ќе оживее на еден или друг начин, преку делата или пак ќе воскресне“ истакна еден од режисерите на претставата Наталија Теодосиева, драмски уметник.
Во проектот Театар за деца и младинци свое претставување и прво учество на ДАФ имаа учениците од ООУ „Стојан Бурчевски-Буридан“ од село Иванковци-Велес. Драмската секција го подготвила познатиот текст за деца „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Карол. Впечатлив е дијалогот меѓу Алиса и Мачорот: „Алиса: Ти се молам, дали можеш да ми кажеш по кој пат да појдам одовде?“ „Тоа многу зависи од тоа кај сакаш са стигнеш“, и одговори Мачорот. „Тоа не ми е баш толку важно... рече Алиса. „Па тогаш не е важно по кој пат ќе појдеш“ и рече Мачорот. „... само кога би можела некаде да стасам“, додаде Алиса како објаснување. „Ах, па сигурно дека ќе стасаш“, рече Мачорот, „само ако продолжиш да одиш така некое време“. Човештвото низ историјата поминало низ многу чудни ситуации, некои наликувале на невозможни потфати, па се остварувале, а некои биле толку многу имагинативни и неостварливи. Сепак и фантастичните подвизи на капетанот Немо и подморницата Наутилиус и визијата за потување на месечината на Жил Верн (1828-1905) во времето во кое живее и твори биле чуда. Денес не се чуда.
Уште еден настап на гостин од соседна Република Србија, КУД „Бранко Радичевиќ“ од Стара Пазова на сцената при НУ Центар за култура ја претстави својата верзија на драмскиот текст „Вечера будала“ од Френсис Вебер во режија на Александер Бако. Веберовата „Вечера на будалите“ е добро скроена булеварска комедија на збрки, брканици во кои постојат сите елемнти на совршена вечерна разонода: интелигентни комични заплети, вдахновени актери подготвени комедијата на забуни и збрки да ја вртат до бескрај, до изнемоштеност а да не биде досадна, и, на крајот, главната ролја добива поука за сето зло што го направил во животот. Покрај бројните заплети во текстот и добро избраните ситуации на забуни, актерита беа рбетот на оваа извонредна претстава. Збрка од зборови и неочекувани ликови, кои се појавуваат на вратите од станот, и тоа предизвикани од телефонски повици, полна со збунивачки и урнебесни содржини, предизвикуваат мноштво заплети кои се разрешуваат со потполна пропаст на главниот лик и моралистичко-ироничен завршеток. „Вечера на будалите“ е добра реалистична комедија, според заплетот слична на водвиљ и граѓанска комедија. Френсис Вебер е француски филмски режисер, сценарист и драмски писател. Има напишано повеќе драмски текстови и режирано филмови, но сепак најголемиот успех го постигнува со „Вечара на будалите“. Оценувачката комисија наградата за најдобра главна машка улога ја додели на Јанко Шаркези за верното актерско мајсторство, во улогата на Франсоа Пињон.
Струмичките средношколци од СОУ „Никола Карев“ се претставија со драмскиот текст на Томислав Османли „Бомбите во салонот бумс“ во режија на Кире Ѓорѓиев, а под менторство на Ице Беличев. Комичните и сатирични сцени во претставата беа добро обработени и потенцирани во текот на драмското дејствие. Девојките и момчињата успешно се носеа со доверените рољи и го доловија времето во кое Македонија е под туѓа власт, па затоа на сцената прозвучи и бугарскиот јазик и „искривен српски“, во зависност од тоа чиј дел од Македонија бил под туѓинско владеење. „Причината за изборот на текстот беше и моменталната ситуација во која се наоѓаше Македонија, па така сакавме тоа да го прикажеме преку драмска игра и преку сатира, т.е. преку исмевање на одредени личности, на одредени функции, исмевање на државата, власта, итн. Салонот Бумс е всушност Македонија во мало, така актерите (учениците), а и гледачите ја прифатија, но и ја разбраа претставата“, истакнува во своето писание менторот на претставата Ице Беличев, проф. по македонски јазик.
НУЦК „Марко Цепенков“ - Театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, поточно Драмското студио „Чин 5, Сцена 4“ и Театарската работилница ја прикажа пиеста „Сонувачот, купувачот и уште нешто...“ работена според романот на Сузана Ѓорѓиевска, во адаптација и режија на Игор Трпчески. „Претставата е мултимедијална. Се работи за животот на Невен Илин, младо, палаво момче со ветер во косите ѕвезди во очите и божуриги на образите, кое ќе се соочи со низа последици заради своите постапки, се разбира за да ги извлече правилните поуки од животот. Многу интересна за ова време во кое живееме“, вели режисерот Трпчески. Претставата изобилува со класични музички теми од композициите на Моцарт, Чајковски, Мусоргски, Хачутуријан, Равел... Преку голем број на етиди, односно вежби, кои го претставуваат животот на маалото каде што живее главниот јунак момчето Невен Илин кој си го продава сонот, не може да заспие и раката со која што ги зема парите му се здрвува. Целата приказна е околу неговото покајување. На овој начин актерите сакаат да ја пренесат пораката што значи да се биде човек, што значи да се греши и да се простуваат грешките. Да се стане еден нов или подобар човек.
Драмското студио при НУ Центар за култура од Крива Паланка се претставија со драмскиот текст „Не играј на Англаничани“ од Владимир Ѓурѓевиќ а во режија на Глигор Цветковски. Во средиштето на настаните, само привидно, се наоѓаат тројца урбани триесетгодишњаци, „заглавени“ некаде на првата животна кривина – или заради помала вреднсот кон сопствената сопруга (ликот на Паун), или пак заради неможноста да се покаже низ површни сексуални авантури (ликот на Пикси), или пак заради неоддоливата страст, користејќи ја како „маска“ ефтинта шега, да ги омаловажува сопствените пријатели (ликот на Буле). Меѓутоа исто така многу битен главен лик кој истовремено е и во нив, но и надвор од нив – а тоа е еден од суштинските злидухови на човечката природа, поточно обложувањето. Појавниот облик на оваа опседнатост, страста за обложување на резултатите од натпреварите на различни национални ногометни лиги во овој случај е земена англиската лига. Спортските страсти го овозможуваат развојот на заплетот, кој паралелно, но и испреплетено, со растењето на тензичноста поради очекувањето на фудбалските резултатите, но и како напнатост која тие промени ја предизвикуваат кај ликовите, поточно будење и развивање на недоразбирање и сукоб меѓу тројцата пријатели.Така угодната машка и коцкарска идила на тројцата лекомислени пријатели веќе се усмерува кон сферата на завистта, недовербата и измамата...
Скопските гимназијалци од „Јосип Броз Тито“ уште во изборот на насловот на нивната театарска аматерска група „Дрим тим ЈБТ“ се чинеше дека во приодот и настапот за ДАФ 2017 влегуваат со нестварна и донекаде младешка самобендисанос. Заедно со нивниот ментор се опредлуваат да го постават и работат Шекспировиот „РИЧАРД III“. Но, при настапот на фестивалот, од слика во слика се повеќе ја оправдуваа реалноста и самобендисаноста која и личи на младоста. Имено, на сцената изнесоа вистинска слика која прикажува метеж и хаос од граѓанските војни како последица на повреда на редот и законитоста, и после отсраданото и одмаздата, како исполнети проклетства и немеза, „брат против брат, крв против крв, секој против секого“, со воспоставувањето на повредениот принцип и враќањето на слогата, се доаѓа до мирот и благосостојбата.
Петок напладне, 12:00 часот, Ден задушница, неработен, настапи Аматерскиот театар при НУЦК „Кочо Рацин“ од Кичево. Се мислеше заради празничниот ден претстава ќе има мала посетеност во однос на претходните претстави за деца. Но, голем број на дечиња, самостојно или со мајките или бабите уживаа во оваа претстава во режија Михаил Петервски. На улицата „Караорманска“ живееја најразлични ликови, впрочем како и во секоја улица. Од понеделник до петок одеа на работа, ги извршуваа своите дневни обврски и се така до петок. Во сабота ќе земеа здив од напорната работната седмица и размислуваа за денот кој доаѓа, зашто утредената не е било кој ден – туку недела! Една и единствена – Недела. Луѓето од улицата „Караорманска“ живееја за овој ден. Секоја недела, на оваа улица се одвиваше вистинска драма. Секој со секого се караше, се расправаше и најчесто без причина. Едноставно, неделата им беше ден за расправии и караници, а тие на тоа гледаа како одење на фитнес, како вежбање, како навика за миење на заби наутро!“... пишува во рекламниот материјал за претставата.
Она што треба да се истакне и забележи е фактот што двајца актери од аматерскиот театар на Центарот за култура од Кичево се носители на две значајни награди на фестивалот. Наградата за споредна машка улога ја доби Јовица Сиљаноски за покажаниот огромен творечки потенцијал и свежината што ја донесе во секоја појава на сцената, а наградата за најдобра главна женска улога и се додели на Јована Јосеска за филигранското пласирање на успешно изградениот лик на Донка во претставата. „Актерите се млади, сите се во основно образование, почнувајќи од второ до деветто одделение, освен двајца или тројца кои се гиназијалци. Она што требаше да го извлечам од нив – го извлеков, она што го посакував на сцената го добив, актерите го остварија. Јас сум задоволен“, истакна по претставата режисерот Михајло Петревски.
Во вечерниот термин од 19:50 часот настапи НАТГ „Аматер“ од Охрид кој се опредли да го актуелизира драмскиот текст „Буре барут“ од Дејан Дуковски, кој датира од 1995 година и беше премиерно изведен во МНТ-Скопје. Авторот Дуковски за пиесата ќе истакне: „Мене цел живот ми помина во некои експлозии, вакви, онакви. Роден сум1969 и припаѓам на генерацијата која ја стигна онаа страшна клетва – да имаш, па да немаш. Не мислам во материјална, туку пред се во духовна смисла. Мислам на атмосферата во која живеевме, можностите за слобода, размената, вредносниот систем... Не велам дека некогашната ни заедничка земја немаше проблеми, но денес со сигурност можеме да речеме – се распадна една убава земја. На пример, растев во време кога ЈУ рокенролот, после британскиот беше најдобриот во Европа, а сега стасавме до турбо фолк. Тоа се кажува“. „Буре барут“ е како лакмус, кога ќе го спуштиш во едно време, во една епоха, таа многу точно ги дијагностицира проблемите на епохата. Колективната синергија на балканските народи е метафизичка, не произведува ништоо реално, туку еден метасвет во кој навистина се мешаат работите“, истакнува режисерот Сашо Миленковски. Актерите и режисерот на претставата Јован Цветковски ја искажаа својата загриженост за се поголемиот недостиг од љубов и емпатија, недвојбено и на сет глас рекоа денешниот цивилизиран и глобализиран свет е буре барут, не е само балканот тоа проклето буре барут. Во завршната сцена која покрај актерската игра беше збогатена со екранизација на најцрните точки на планетата земја, како да сакаа да испратат порака: „Ве молиме сопрете ја земјата, сакаме да слеземе“. Оценувачката комисија им додели специјално признание на НАТГ „Аматер“ за зрелиот и сериозен пристап при донесувањето на комплексните прашања што ги поставува современата пиеса „Буре барут“.
Од 20:15 часот во „Салон 2“ настапи драмскиот уметник Мите Грозданов во музичка придружба на Будимир Лазов, а капела. Настапот на Грозданов беше во знакот на одбележувањето на педесет години аматерска дејност и четириесет години професинална театарска работа.
Нај на крај, во ноќниот термин од 22:15 часот, Интимен театар – Младинска сцена Битола, се претстави со драмскиот текст на Ана Жежовска „Дисфункција“ во режија на Димитар Шутевски. Оценувачката комисија и додели две нагаради: Наградата за најобра режија на Димитар Шутевски за успешното фузирање на интимните желби и идеалите со проблемите на денешното општество и наградата за уметничка иновација и истражување во аматерскиот драмски израз, при што констатираа: наградата им се доделува за искрената пожртвуваност и штедроста во создавањето на авторскиот проект. Авторката на пиесата својот светоглед го дефинира на следниов начин: „Во моментот кога секој, веќе напишан драмски текст се чинеше премногу далечен, одлучивме да создадеме свој. Здравствен проблем кој се појавува одеднаш и го менува животот, искривена слика за нормално семејство, детска траума и секојдневно потиснување на детето во себе со капиталните проблеми во нашето секојдневие. Некои по малку изменети и метафорично предадени, некои пак без нималку заобиколување се прикажуваат на сцена.
Дисфункција не е ништо друго освен недостаток на функција. И тоа не е малку. Дисфункцијата е порок, аномалија, неспособност, немоќ, траума, агонија... Лесно е да се пишува за дисфункционалност, кога се околу мене функционира како такво. Тешко е да се профункционира. Мојата мисија како автор на „Дисфункција“ беше токму таа. Четири анти херои, водејќи се единствено од сопствената енормна волја, да станат херои.
Пишувајќи ја „Дисфункција“ јас ги проживеав поодделно приказните на секој од моите колеги. Имав доблест барем „пет минути“ да живеам со нивниот проблем и попатно пишувајќи ги репликите се обидов да им дадам неколку клучни совети, додека слно „навивав“ да станат функционални...
„... јас си ветив ниту еден здравствен проблем, нема да ме реформира како човек. На крајот од денот секој одлучува за себе“ – Бори се Марлое!“; „... нивната сила беше во клоцата и тупаницата и во гнасните навредливи зборови, а мојата сила е во првата нота на мојата омилена песна, во рефренот кој го пеам“ – Не престанувај да пееш Вилијам!; „... драга Мамо, die Liebe geht durch den Magen“ – Танцувај Лили!; „...не е важно дали некој ќе ме прифати или одбие, важно е дека јас се прифатив себеси“ – Верувај во себе Вирџинија!“
Во мојот текст живеат нашите соништа, илузии, стравови, разочарувања, болки. Со секоја изведба на нашата претстава, со секои 60 минути, ние одново и одново ги преживуваме репликите и тоа за нас претставува катарза. Овој театарски процес трае веќе пет месеци и созрева, и грее, и топли. И се надевам дека ќе трае уште 5 и 5 и 5...
„Дисфункција“ е универзална приказна, за мене, за тебе, за момчето од 5а кое соучениците физички го малтретираат, за девојката во гимназија чиј родител е склон кон пороци, за жената која не сака да се прифати себеси, за другарот кому преку ноќ му се појавија точки на очите...
Дисфункција е приказна за сите нас! Драги мои колеги и режисери користејќи ги нашите индивидуални дисфункционалсности, јас создадов комплетно функционален текст.“
Естетските и етичките светогледи на тринаесетте аматерски драмски ансамбли претставени на 53-иот ДАФ на Македонија-Кочани 2017 ги оценуваше тричлената комисија во состав: м-р Димче Николовски, режисер, Андреја Голуб, драмски уметник и Венцо Димитров, сценограф-куклар. Одлуката на оценувачката комисија е составен дел од извештајот. Мошне впечатливи и непосредни беа разговорите по секоја одиграна претстава кои ги водеше Јасмина Билаловиќ, драмски уметник.
Пред доделата на наградите до присутната општествена и културна јавност се обрати претседателот на оценувачката комисија м-р Димче Николовски: „Почитувани, можеби многумина мислеле дека XXI век ќе го исуши театарот. Дека интересот за театар ќе исчезне со доаѓањето на технологијата која драстично го менува начинот на живеење на планетата Земја. Дека брзината, достапноста и методологијата на новите медиуми нема да го дозволат вистинскиот просперитет на театарот. Ако ова е вистина и реалност, тогаш најочигледно би можело да го забележиме во аматерскиот театар. ДАФ-Кочани 2017 успешно го покажа спротивното.
Оваа година, на 53-то издание на Драмски Аматерски Фестивал на Македонија-Кочани, аматерите ни го претставија својот интерес и својата љубов кон театарот. Дојдени во Кочани од Битола, Скопје, Куманово, Прилеп, Иванковци, Охрид, од Житоше и Прилеп, Кичево..., аматерите покажаа многу различни светови кои, гледано со нивните очи, докажуваат дека театарот умее да изненади, знае да биде силен, вистински и моќен кога тоа од него ќе се побара.
На крај сакам да изразам огромна благодарност до сите професионалци кои работат со драмските аматери, во сите области и да го потенцирам гостопримството на организаторите на ДАФ-Кочани, гостопримството кое заедно со пријатната атмосфера и позитивна енергија допринесоа за уште едно успешно издание на Драмскиот Аматерси Фестивал на Македонија во Кочани “.
Во чест на наградените битолската група „Ние (запирка) другарите“ одржаа музички хепенинг.
Годинешново издание на драмските аматери беше проследено од 1.120 посетители, тоа се продадени билети на касата, а бројката на вкупна гледаност и посетеност во фестивалската седмица изнесува околу 1.350 гледачи, во оваа бројка се членовите на аматерскиот театар од Кочани, учесници, гости и новинари. Од продадените билети остваривме паричен ефект од 56.250,00 денари.
Администартивно техничката подршка на фестивалот солидно ја обавија: Тони Ѓорѓиев, светло мајстор и сценски работник, Влатко Мишов, тон мајстор и сценски работник, Љубица Петрова, економ и реквизитер, Елка Тодорова, балгајник, Васе Коцев, овластен книговодител и Тасе Дедов, пишувач на рекламен материјал и панои.
Фестивалот парично го помогнаа: Министерство за култура на Република Македонија, Совет на Општина Кочани и Градоначалникот на Кочани.
На февруарската седница на Собранието, со која го започнавме извештајот, се разговараше за уште една тема, а тоа е кога точно започнал да се организира фестивалот на драмските аматери на Македонија. Имено, Благој Пенов го постави ова прашање врз основа на пишувањето на Александар Алексиев во книгата „Љубов за љубов“ издадена од Совет на ФААТ на Македонија-Кочани во 1994 година. На страна 12-та Алексиев пишува: „Чуствуваме обврска посебно да се задржиме на оваа манифестација не само затоа што таа е прва со ваков висок ранг туку и поради потребата да се разјасни понатамошната хронологија на РАДС бидејќи токму овој Фестивал би требало да биде прв во повеќедецениското постоење на РАДС, а не Ревијата што е одржана две години подоцна односно во 1961 година.
Оваа забуна се провлекува и во тогашниот печат при што без исклучок Ревијата што е одржана во 1961 година се означува како втора по ред Аматерска театарска ревија.
Значи, во прашање е пореметување на редоследот што по се изгледа резултира од следните причини. Веќе напоменавме дека Фестивалот во Битола е во организација на РКПЗ и „Народна просвета“, а ревијата во 1961 година е исклучиво во организација на РКПЗ, па бидејќи од тогаш РКПЗ ја презема обврската околу организацијатана овие Ревии, Фестивалот одржан во Битола едноставно е елиминиран.“
Собранието го прифати укажувањето на Пенов и формира комисија која треба подробно да го истражи и образложи ова прашање и на наредната седница да го извести Собранието на ДАФ на Македонија-Кочани.
Што ќе рече, догодина, 2018-та ќе се одбележи 55-то издание на ДАФ на Македонија, а не 54-то издание?
28.јуни 2017 год. Драмски Аматерски Фестивал
К о ч а н и на Македонија – Кочани
Извршен директор, Благој ПЕНОВ

2012 @ Драмски Аматерски Фестивал - Кочани. Сите права се задржани.

Top Desktop version