DAFKOCANI.com

Switch to desktop Login

Правила за учество на 55 - от ДАФ на Македонија - Кочани 2018

dafpravila

ЗДРУЖЕНИЕ ДРАМСКИ АМАТЕРСКИ ФЕСТИВАЛ НА МАКЕДОНИЈА – КОЧАНИ


Со цел да се мотивира, поттикне и унапреди творештвото на драмскиот аматеризам, истражувањето по нови сценски изразни средства и експеримент во сценските изведби во драмскиот аматеризам и аматерскиот театар во Македонија, Управниот одбор на Драмски Аматерски Фестивал на Македонија-Кочани усвои:
П Р А В И Л А
а). О п ш т и о д р е д б и: Право на учество на Драмскиот Аматерски Фестивал на Македонија-Кочани имаат аматерските театри, театарски и драмски работилници, драмски секции, студија, групи и другарства, авангардни, експериментални и алтернативни театарски сцени и други форми на самостојно сценско организирање и изразување на територијата на Република Македонија и во странство кои творат во областа на драмскиот аматеризам и театар, и тоа: театар за деца и младинци, драмски аматеризам со елементи на традиционални, класични, модерни, современи и авангардни и експериментални театарски изразни средства и модели.
На ДАФ на Македонија-Кочани настапуваат и се натпреваруваат поеиднци и групи, литературни клубови, секции и другарства кои работат на рецитаторството – убавото глаголење на поетското слово. Најуспешните рецитатори од училишните секции, литературните клубови, студија, другарства и здруженија учествуваат на завршните денови од ДАФ на Македонија-Кочани.
На ДАФ на Македонија-Кочани се прикажуваат дела на автори, театарски претстави и драмски проекти од домашни и странски автори, оригинални дела-драми, адаптации, монодрами, рецитали и друг вид на театарско играње и сценско изразување. Изброт на драмскиот текст е слободен и самостојно го определуваат учесниците-конкурентите за завршницата на фестивалот на драмските аматери од Македонија и странство.
Времетраењето на претставите не треба да биде помало од триест (30) минути и не повеќе од четириесет и пет (45) минути за категоријата театр за деца, и за возрасните не помалку од педесет и пет (55) и не повеќе од седумдесет и пет (75) минути.
Во случај на подолго времетраење на претставите од пропишаното, а кои носат висок драмски квалитет, одлука за нивно учество на фестивалот донесува управниот одбор на предлог на изборникот/селекторот.
При подготвувањето на претставите и за време на изведбата може да се ангажираат и консултираат учени и стручни лица, режисери, артисти, драматурзи, професори, дипл. професори...
Во претставите на драмските аматери не можат да настапуваат, играат професионални артисти, вработени актери во театарските куќи и Домови/Центри за култура во Република Македонија и странство. Професионалните актери доколку режираат или играат во претставите не ги следува награда за нивниот творечки допринос во драмското дело.
Вкупниот број на членовите во еден драмски проект кои учествуваат во подготовката и изведбата на драмскиот проект на завршницата на фестивалот во Кочани не може да изнесува повеќе од шеснаесет (16) особи за домашните аматерски драмски театри, а за меѓународните аматерски драмски ансамбли тој број изнесува десет (10) особи. Отстапување од оваа одредба може да напраави едиснтвено Фестивалската управа.
Аматерските драмски ансамбли, секој според можностите, пожелно е да отпечатат основен рекламен материјал (плакат, програма, видео или ЦД запис и сл.), кој е во нивен интерес и за нивна афирмација.
Пријавувањето на претставите започнува од месец Јануари, а завршува во првата седмица од месец Мај од тековната година.
Фестивалската управа на својата интернет страница, www.dafkocani.com и e-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите., ја објавува: поканата, правилата и пријавата за учество во изборот на претстави за Фестивалот на драмскиот аматеризам на Македонија кој традиционално се одржува во последната седмица од месец Мај во Кочани.
Пријавите за учество на изборот на претстави за ДАФ на Македонија-Кочани се доставуваат до канцеларијата на Фестивалот најдоцна до 10.април во тековната година на адреса: Драмски Аматерски фестивал на Македонија-Кочани, ул. „Кеј на револуцијата“ бб, 2300 Кочани (Центар за култура „Бели мугри“-Кочани), или на меил адресата на фестивалот: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите., или пак на факсот: 00 398 33 272 964. Повеќе информации се достапни на интернет страницата: www.dafkocani.com и на телефоните: 00 389 33/272-964 и 00 389 70/621-726.
ЦД записите од претставите се доставуваат најдоцна до 30. април во тековната година на адресата на фестивалот.
б.) Избор/Селектирање на претстави: Изборот/селекцијата на аматерски драмски претстави и проекти кои ќе учествуваат на звршните денови на фестивалот на драмскиот аматеризам на Македонија во Кочани го врши изборник/селектор или стручна комисија од три члена именуван/на од Управниот одбор на ДАФ на Македонија-Кочани. Начинот на изборот, односно изборник или изборнз комисија го определува Управниот одбормна фестивалот.
Изборникот/селекторот ја следи, ја проследува севкупната аматерска драмска активност и творештво меѓи два фестивала. По завршувањето на изборот на претставите и остварениот увид, изборникот/селекторот поднесува извештај за извршен избор, односно селекција.
Конечната програма, репертоарот на претстави и придружните манифестации на ДАФ на Македонија-Кочани го сочинува изборникот/селекторот, а го усвојуваУправниот одбор на ДАФ-Кочани. Бројот на претставите по програми е следниов: аматерски театар за деца и младинци од три до пет (3-5) претстави; домашен драмски аматеризам од седум до осум (7-8) претстави и меѓународен драмски аматеризам две (2) претстави. Бројот на рецитаторите е најмногу до десет (10) актери. По завршувањето на изборот на претставите, конечата одлука за репертоарот на фестивалот се објавува на интернет страницата www.dafkocani.com.
Избраните аматерски драмски ансамбли поединечно се известуваат за изборот, денот и часот на настапот, најмалку две седмици пред почетокот на фестивалот. Избраните аматерски драмски ансамбли од странство се известуваат најдоцна еден месец пред настапот и почетокот на ДАФ на Македонија-Кочани.
Правото на програмскиот распоред и редоследот на настапи на фестивалот го задржува ДАФ на Македонија-Кочани. Само од објективни причини и дејствија кои се во полза на повисоки вредности на драмскиот аматеризам, можни се измени во редоследот, аконечниот збор го има изборникот и фестивалската управа.
На аматерските драмски ансамбли учесници на завршниот чин на ДАФ на Македонија организаторот им овозможува една генерална проба на сцената на која ќе настапат.
Престојот на драмските аматери во фестивалската седмица го обезбедува Фестивалската управа, Градоначалникот и градот домаќин. Домашните драмски аматерски ансамбли престојуваат еден (1) ден, а странските аматерски театри два (2) дена сметано од денот на пристигањето.
Патните и дневните трошоци ги обезбедуваат самите драмски аматерски театри, студија, секции, групи учесници на ДАФ на Македонија-Кочани.
в.) Ж и р и и правила за доделување на наградите: Настапот на аматерските драмски театри и актери учесници на завршните фестивалски денови ги оценува жири именувано од Управниот одбор на ДАФ на Македонија-Кочани. Жирито се именува од редовите на истакнати и угледни општественици, културно-уметнички и научни творци и го сочинуваат три члена, претседател и двајца членови.
Жирито има обврска и задача да ги проследува и вреднува настапите на аматерските драмски ансамбли, прикажаните уметнички и етички вредности на актерите и претставите во целина, при што треба да ги образложат во одлуките што ќе ги донесе со мнозинство гласови или едногласно.
Доколку се соочи со несоодветен квалитет за одредна награда, жирито не е обврзано да ја додели наградата, а може да ја пренамени, но притоа не може да се отстапи од определениот вкупен број на наградите.
Жирито самостојно ги донесува одлуките и за нив ја сноси целокупната одговорност пред општествената и културна јавност. Одлуките на жирито се конечни.
На ДАФ на Македонија-Кочани на предлог на жирито се доделуваат следниве награди:
1. ГРАН ПРИ „Васил К. Ќортошев“ за најдобро аматерско драмско остварување во тековната година;
2. За поединечни остварувања: Најдобра режија; Најдобра женска главна улога; Најдобра главна машка улога; Најдобра епизодна женска улога; Најдобра епизодна машка улога;
3. Награда за претстава што внесува истражување по нови сценски изразни средства, иновации и експеримент во аматерскиот театар;
4. Награда за колективна игра во програмот за детски претстави.
Вкупниот борј на награди изнесува осум (8) и истиот го опредлеува Управниот одбор на ДАФ на Македонија-Кочани. Наградите можат да бидат искажани во парична вредност или спомен признанија, одлуката ја донесува Управниот одбор.
Жирито доделува и други награди и признанија: одреден број пофалници и благодарници за учество на фестивалот.
г.) Разговори за претставите и водител на разговорите: По одиграна аматерска драмска претстава се организираат разговори во присуство на драмскиот ансамбл, селекторот, жирито, новинари, гости, публиката и граѓанство.
Разговорите треба да придонесат за: стручна разработка на драмските/театарските постигања на аматерскиот драмски ансамбл, за јавно оценување и вреднување на уметничките, естетските и етичките вредности и пораки, афирмирање и мотивирање на индивидуалните актерски и режисерски остварување.
Разговорите ги подготвува и остварува водител на разговорите, стручно лице од редот на угледни професори, артисти, драматурзи, режисери, писатели, уметници и културни работници. Водителот на разговорите го именува Управниот одбор на ДАФ на Македонија.
д.) Придружни манифестации: Во склоп на севкупната програма на ДАФ на Македонија-Кочани се организираат придружни манифестации од ликовната, музичката, филмската... уметност. Изборот и бројот на настани го опредлува Управниот одбор на предлог на извршниот директор, изборникот и членови на управниот одбор.
На покана на Управниот одбор, а во соработка со актуелниот изборник/селектор на фестивалот, во својство на гостин, во чест на наградените се поканува: Факултет за драмски уметности, реномирана домашна театарска куќа, драмски аматерски ансамбл од странство и други уметнички установи од Република Македонија.
ѓ). Рецитаторство: Во рамките на официјалната програма и репертоар на ДАФ на Македонија-Кочани се одржува и проектот Убаво глаголење на поетското слово. Целта на проектот е да го негува убвото кажување, глаголење, рецитирање на уметничкиот збор, да го мотивира читањето и го поттикнува говорењето на поезијата кај младата популација.
Право на учество имаат поединци групи, секции и литературни клубови во училиштата, факултетите, библиотеките, домовите и центрите за култура, аматерски клубови на писатели и други организирани форми на територијата на Република Македонија кои работат на уметничкото говорење на поезијата.
Учесниците, кандидатите за проектот убаво говорење на поезијата се избираат по пат на селекција. За изборниот настап секој учесник по свој избор подготвува три поетски творби, две од дамашен автор и една од странски автор.
На републичкиот натпревар на Рецитатори, на фестивалот на драмските аматери во Кочани се настапува со две поетски творби, една од домашен и една од странски автор.
Пријавите за учество на изборот на рецитатори се доставуваат до секциите и литературните клубови во училиштата, факултетите и домовите и центрите за култура, аматерските клубови на поети и другарства во замјата. Републичкиот изборник го врши изборот на учесници за настап на ДАФ на Македонија-Кочани.
Жирито на ДАФ-Кочани ги оценува и вреднува настапите на рецитаторите. им доделува признанија на најуспешните остварувања, за што поднесува образложение во својата одлука. На учесниците во натпреварот на рецитаторите им се доделуваат дипломи за учество, а за најуспешните пригодни награди.
е.) Ангажирање на соработници: За успешно организирање и остварување на фестивалот на драмските аматери од нашата држава и странство, за изградување на угледот и афирмацијата на ДАФ-Кочани, за збогатување на уметничките, културните, етичиките вредности и норми, Управниот одбор и Извршниот директор формираат повремени стручни комисии и работни тела.
Управниот одбор и Извршниот директор може да ангажираат: медијатори и модератори, билтен мајстори, организатори, сценски работници и нивни помошници, книговодител, благајник, портири, одржувачи на редот и хигиеничари. Ангажманот на стручните комисии и работни тела е од времен карактер, односно за време на одржувањето на фестивалот.
За ангажманот на лицата во организирањето, во повремените стручни комисии и работни тела, соработниците ги следува паричен надомест. Надоместоците ги определува Управниот одбор на ДАФ на Македонија-Кочани во зависност од буџетот и расположивите парични средства.


17.февруари 2018 год. Драмски Аматерски Фестивал
К о ч а н и на Македонија-Кочани
Претседател, Дарко СПАСОВ

2012 @ Драмски Аматерски Фестивал - Кочани. Сите права се задржани.

Top Desktop version