DAFKOCANI.com

Switch to desktop Login

“Ars Longa, Vita Brevis” - Започнува ДАФ

pankerotoso

Со претставата „Бегај ѓаволе, жена ми доаѓа“ на Културното друштво „Шатор Шторје“ од Сежана, Словенија,

во понеделник на 28 мај, ќе започне 55-от Драмски аматерски фестивал во Кочани. Во официјалната програма ќе бидат прикажани 16 остварувања од регионот, а на ова издание на манифестацијата кое ќе се одвива под мотото „Уметноста е долга, животот е краток“ е предвидено да се одржат и бројни промоции на книги, работилници и ликовни перформанси.
Шекспировата „Многу врева за ништо“ во адаптација и режија на Слободанка Чичевска и во изведба на ученици од Гимназија „Кочо Рацин“ од Велес, „Пеликан“ од Аугуст Стринберг во режија на Перо Даниловски и продукција на Драмското студио „Бели мугри“ од Центарот за култура во Кочани, „Токмаците и билбилот“ на основците од „Ванчо Прке“ од Делчево и работена според народна приказна во режија на Мартин Милчевски, „Покондирена тиква“ на учениците од скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“ и во адаптација и режија на Уна Николовска, „Ана чекаше“ од Србијанка Станковиќ во режија на Тијана Петровиќ и продукција на Аматерско позориште „Хранислав Драгутиновиќ“ од Прокупље, соседна Србија, куклената „Магијата на мојата лектира: Снежана и џуџињата“ на Весна Гагалоска и учениците од ОУ „Тодор Ангелевски“ од Битола се само некои од 16 претстави на исто толку ансамбли што ќе бидат прикажани на 55-то издание на Драмскиот аматерски фестивал, што од 28 мај до 2 јуни, под мотото „Уметноста е долга, животот е краток“, ќе се одржи во НУЦК „Бели Мугри“ и во Паркот на Револуцијата“ во Кочани.
„Тоа е Фестивал во којшто искрено се негува љубовта кон театарот. Речиси и да не постои човек кој се занимава со театарот во каква било форма, како режисер, актер или сценограф, којшто не почнал на оваа манифестација. И сите актери, режисери и други театарски работници со особена топлина се сеќаваат како почнале во Кочани. Некои од нив во 1960-те, други деценија подоцна и така со ред“, вели м-р Дарко Спасов, новиот претседател на Фестивалот.
Тој дополнува дека Кочани веќе неколку години е и Меѓународен центар на театарскиот аматеризам. Истакнува дека покрај понудата од театрите по домовите на култура, здруженијата на граѓани, гимназиите и училиштата во Македонија, на манифестацијата веќе редовно се присутни и дружини од Полска, Словачка, Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија и дека тука како негови организатори немаат намера да застанат.
Во контекст на неговите зборови оди и најавата дека 55-то издание на ДАФ ќе биде засилено со придружни манифестации, многу гости, промоции на книги, работилници, ликовни перформанси, театар на сенки и се она што може да го разбуди вниманието на тамошната културна јавност.
„Од оваа година почнуваме да воведуваме и Оф-програма која ќе даде некоја додадена вредност на Фестивалот. Така пред Центарот за култура „Бели мугри“, како централно место за изведување на настаните, ќе имаме концерти на познати имиња од музиката, рокенролот, панкот, џезот... Фестивалот го шириме и во форма дека ќе презентираме, односно промовираме книги од луѓе и за луѓе кои особено го почитуваат пишаниот збор и во некоја рака се поврзани со театарот. Со таа Талија. Или како што рекол Аристотел: Светот го разбирам како музика и математика и се друго е комбинација помеѓу нив, а ние велие дека театарот е нераскинлив и неодминлив дел и од музиката“, смета Спасов.
Од таму посебна гордост за организаторите на Фестивалот годинава е гостувањето на Словенецот Марко Брецељ, ексцентричен, мултимедијален уметник попознат како поранешен пејач на сега веќе култниот југословенски рок бенд од крајот на 1970-те и почетокот на 1980-те БУЛДОЖЕР. Брецељ доаѓа во четврток на 31 мај, заедно со својот сонародник и писател Томаж Космач, за промоција на неговата книга „Панкот е мртов“ („Punk is Dead“), инаку неодамна преведена и на македонски јазик. Уште еден настан кој е посебен за кочанската публика, е и промоцијата на капиталното дело „Македонска рок енциклопедија“ во родниот град на нејзиниот приредувач Тошо Филиповски.
Посебно бележити се и тридневниот ликовен перформанс насловен „Планеризам“ на уметникот Орхан Ќамилов, работилница за смола и глина на Марија Манева и исто така тридневната актерска работилница што ќе ја водат Зоја Бузалковска и Александар Степанулески. И, тоа не е се* бидејќи, во рамките на програмската целина насловена како „Револушн фест“ се очекуваат и настапите на ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ и битолчаните BRASS BROTHERS, а свој сет ќе има Гоце САФ.
„Ние искрено се надевам дека годинешната програма ќе мотивира некој кој не е Кочани во време на фестивалот да го посети малиот град со големо срце во Источна Македонија. Овде го имаме прекрасниот Споменик на слободата на Григор Чемерски, вештачкото езеро кое е како природно, река која го дели градот на два еднакви дела, еклер од 5 денара и 6 дневен културен настан на почеток на летото. Совршен опис за годинешното мото на фестивалот: Ars Longa, Vita Bravis или Уметноста е долга, животот е краток. Ако тоа не е доволно, влезниците се минимални 50 денари“, потсетува Спасов.

Текстот е преземен од Радио Слободна Европа

 

2012 @ Драмски Аматерски Фестивал - Кочани. Сите права се задржани.

Top Desktop version