DAFKOCANI.com

Switch to desktop Login

Свеченото отворање со пантомима на Трајче Георгиев и „Вардарски пастуви“ на Театар Комедија

pres3

„И оваа година како и минатата се окураживме фестивалот да го изнесеме надвор од ракмите на

таа т.н. „театарска црна кутија“, односно театарска сцена и го носиме и надвор од Центарот за култура „Бели мугри“. За публиката подготвуваме во паркот концерти, промоции на книги, театарски претстави...Билетите се по симболична сцена, дневните (за деца) чинат 30 денари, вечерните 50 денари. ’Најскапа’ е претставата ’Вардарски пастуви’ на Театарот Комедија од Скопје – хит и најнаградувана претстава. Ќе се одигра на свеченото отворање в понеделник и билетот за неа чини 200 денари“, изјави вчера Дарко Спасов, претседател на УО на ДАФ на Македонија, на прес конференцијата што се одржа во Кафе станицата во кочанскиот парк.

pres1
Фестивалот започнува на 27 мај и ќе трае до 1 јуни. Оваа е негова 60 – та година откако започна да се организира (во Битола како РАДС) и негово 56 издание. Во Кочани е по 43 пат, непрекинато од 1977 па наваму.
И годинава ДАФ им е посветен на македонските аматерски театарски групи, но, се задржува трендот на учество од три театарски претстави од странство, годинава две од Србија и една од Бугарија.
„На првиот фестивалски ден публиката ќе може да види две професионални претстави, едната е „Човекот“ пантомима на кочанецот, Трајче Ѓеоргиев, познатиот актер од МНТ и хит претставата „Вардарски Пастуви“ во режија на Синиша Евтимов, а во продукција на Театар Комедија, театар, кој е поддржувач на фестивалот и во чест на овој свечен јубилеј ќе го крене нивото на ендорфин на кочанчани. Потоа, во средина на фестивалот од театарски групи ќе ги имаме и Импров групата – независна сцена, во која покрај колегите - професионални актери игра и нашата сограѓанка Наталија Теодосиева.

pres4
Од Република Србија имаме гостување на Аматерско позориште „Хранислав Драгутиновиќ“ – Прокупље, а на затворањето гостува ДАХ театар од Белград со дипломирани студенти од белградската академија, под менторство на Мирјана Карановиќ (го играат ММЕ од Дејан Дуковски). На последниот ден од фестивалот ќе бидеме домаќини и на Македонскиот културен центар во Софија и монодрамата „Страстите на Илија“ со Игор Дамјанов, најави Спасов.
Што се однесува до придружните содржини, за публиката во Кочани, предвидено е гостување на акробатски музичари од Грција и Америка, еден од настапите ќе биде и во градскиот пазар во Кочани, за да се приближи фестивалот до секој сегмент од нашето културно живеење. Потоа во гимназијата во Кочани ќе има предавање под наслов „Момчето кое живееше во зоолошка градина: изложувањето на различните како спектакл“ на проф. д-р Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија, ПМФ – УКИМ (позната како уредничка на рубриката Bookbox)
Ќе има и изложба на избор од сценографиите на Крсте Џидров – Џиби, промоција на поезијата на македонски јазик на Џелаледин Мевљана Руми од Тихомир Јанчовски, во придружба на вокалите Добрила Грашеска и Зоран Тортевски, па промоција на книгата „Радио“ од Љупчо Јолевски, промоција на винил на групата Ана О. Гробот на еден робот , промоција на изданијата „Светот на Биби“... А како дел од настаните околу фестивалот ќе гостува и диџеј Александар Јорданов.

pres2
Претседателот на УО на ДАФ, Дарко Спасов, посебни ги издвои волонтерите од Гимназијата „Љупчо Сантов“ од Кочани, кои како и лани и оваа година ќе имаат значаен придонес и ангажман. „Без овие дваесетина волонтери“, вели Спасов, „ништо не правиме“.

2012 @ Драмски Аматерски Фестивал - Кочани. Сите права се задржани.

Top Desktop version