Третиот фестивалски ден го отвориија членовите на Домот на културата „Бранд Петрушев“ од Богданци и нивната претстава „Без пари или не плаќам“ работена на текст од Дарио Фо и во режија на добро познатиот за театарџите кај нас Кире Ѓорѓиев. Впечаток е дека публиката ја прифати играта на веселата група од Богданци и на крај, ја награди со аплауз. Станува збор за аматери-средношколци. Тие на сцената на ЦК „Бели мугри“ беа повеќе од еден час и се чини, направија убава конекција со публиката.

„Со ова претстава сакавме да ја покажеме мислата и видувањето на младината, односно на припадниците на Драмското студио на Домото на културата од Богданци. Значи, да се игра Дарио Фо пред се треба да се игра одговорно. Оваа екипа е во прилог на младоста и која гради младешки претстави, сакаше и покажа дека може на сцената на овој прекрасен фестивал за драма, за млади аматери да се претстави добро и дека има сила и моќ да го презентира Дарио Фо. Актуелноста на темата и храброста која ја покажаа пред публиката – функционираше и јазот го немаше. Ја прифаќаме критиката дека е така како што беше кажано на разговорите. Слободната мисла може на повеќе адекватни природни начини да се изрази, но нашиот стил, концептот на режијата беше таков да има и размисла и подразмисла зошто сето тоа се случува со Дарио Фо и што се случува денеска со нас во нашето општество. Таа поврзаност, ми се чини, излезе и од забелешката дека публиката очекуваше што понатаму. Значи претставата од саат и нешто си помина многу лесно, а тоа е еден показател дека работите функционираа“, го кажа своето видување режисерот Кире Ѓоргиев, откако неговите момчиња и девојчиња ја завршија својата игра на сцената и го слушнаа размислувањето, критиките и препораките од стручните лица на разговорите.

„Што се однесува до новиот концепт на фестивалот, на старт да ви кажам: почитувам иновативни моменти, но сметам дека ДАФ Кочани и генерациски е постар и од националниот државен и професионален ‘Војдан Чернодрински’. Значи сета таа спецификација и позитивно бреме, големиот број претстави кои ги оставивме тука ние театарџиите кои работиме со млади, со сето тоа, сметам дека старата форма е правилниот потег затоа што ДАФ секогаш бил едукатор, односно извор и потенцијал на идни академски театарски работници. Јас сум да се врати старата форма под неопходно. Нека има пробиви од меѓународен карактер со една претстава за да се види што имаат и тие постигнато, но националниот карактер на престижот на градење млади таленти за нашата академија треба да се задржи и сметам дека кога се трошат средствата треба да се избегне онаа форма – доаѓаш, играш и заминуваш. Овие млади луѓе теба да се дружат, да разменуваат искуства.

Смисолот е во тоа, тогаш ќе дојде до израз престижот меѓу нив на вистински начин. Има претстави, наградите доаѓаат, а луѓето не знаат кој учествувал, како играл, не го виделе тоа. Еве, сакав да ја гледам претставата на колешката Чичевска што била играна претходната вечер, ама не моеже оти не сме на едно место. Тука се создава јаз, оти акетрите од сите театри учесници не престојуваат за сето време на фестивалот во Кочани. Пари требаат, но тоа не се толкави суми што не можат да се обезбедат. Како ќе се однесуваат младите актери кога меѓу себе го немаат видено сопствениот резултат. Ривалството пропаѓа, наградите се девалвираат или се непринципиелни, па имаме забелешки. Говорам во смисол кога не знаеме другиот на кое ниво бил“, додаде Ѓорѓиев.

Модераторот на разговорите Димче Николовски ги пофали богданчани што избрале актуелни теми. Им честита оти направиле добра претстава и ги кажа своите забелешки.