Претставата „Чехов на Толстој му кажа збогум“ на виничкиот Дом на културата „Тошо Арсов“, што се одигра синоќа

на четвртиот ден од овогодишниот Драмски аматерски фестивал на Македонија, на разговорите (на кои учествуваат водител и членовите на жирито, новинари…) доби позитивни критики. Беше оценета како „близу до професионална“. Според кажаното, изведбата на четворицата актери, сценографијата, музиката, осветлувањето ги содржи сите елементи на професионална претстава. Режисер на „Чехов на Толстој му кажа збогум“ е Саша Нацевски, со завршена академија. Публиката во доволен број беше присутна во салата на ЦК „Бели мугри“ со оглед на терминот (се играше во 22, 30 часот) и тежината на текстот, чиј автор е Миро Гавран.

Во вечерниот термин синоќа први (во 20 часот) настапија членовите на Драмската група „Анима“ при Гимназијата „Ј.Б. Тито“ од Битола со претставата „Болен Дојчин и Ангелина: во името на љубовта“, работена според мотиви на драмски текстови на Георги Сталев. Средношколците имаа добар настап, но претставата траеше 20-25 минути, што сепак е прекратко. За она што го покажаа младите битолчани од водителот на разговорите беше оценето како пример за колективна игра и дисциплина на сцената. Со забелешка, дека сепак приказната трае кратко и е тешко разбирлива.

Во дневниот термин вчера настапија и членовите на Драмското студио при „Креативити“ од Прилеп. Претставата беше наменета за најмладите и таа претставува извадок од повеќе драмски текстови со наслов „Кој е крив“. Децата ја наполнија салата и убаво се забавуваа.

Од 51-то издание на ДАФ остануваат уште два дена и пет претстави од кои едната е надвор од конкуренција и ќе се игра во чест на наградените.