„Задоволен сум од настапот на фестивалот, пред се од реакцијата на публиката овде во Кочани. Темата ни е блиска, јазикот сроден, така што многу добро се разбираме, имаме слични проблеми и гледам дека претставата убаво кореспондираше со публиката. Така што впечатоците навистина ни се само позитивни“, рече откако заврши претставата „Водач“ на аматерите од Врање, нејзиниот режисер, Бојан Јовановиќ, инаку, професионален актер.

Станува збор претстава направена според текст на Радоје Домановиќ. Ја играа дваесетина момчиња и девојки од градот од југот на Србија, кои се дел од Младинската сцена на Театарот „Бора Станковиќ“. Најголемиот дел од нив се средношколци, двајца се нешто повозрасни и се спремаат за на факултет, а во групата има и еден основец.
„Водач“ одлично беше прифатена од кочанската публика, имаше силни аплаузи после секоја сцена. Актерите, според водителот Димче Николовски, се толку талентирани што имаат иднина во театарот, доколку сакаат да навлазат во таа дејност како професионалци.

Што се однесува до самата претстава, искористен е Крали Марко како главен лик, за да се проговори за негување на култот кон доминантниот водач или водачи во Србија, како проблем од аспект на погрешниот систем на вредност, кој треба да се сруши (значи не да се руши водачот, туку системот на извртени вредности), да се промени. Луѓето повеќе да се свртат кон самите себе, да учат од искуство, да работат на подигање на свеста.

„Случајно дознав за фестивалот преку Трајче Ѓорѓиев, кој кај нас режираше претстава и тој кога дозна дека работам со младици, претстава која е аматерска, ми кажа за ДАФ. Потоа беше лесно, стапивме во контакт, испративме ЦД, знаете како оди понатаму“, вели Јовановиќ, додавајќи дека повеќе нема да реќира. Ќе и се врати на својата основна професија – актерството.
„Кочани е убав град, многу ни се допаѓа, прекрасен театарски простор, публика. Можам да кажам, секогаш кога играме во Македонија, убаво сме примени, ама овде, кај вас, во Кочани, наидовме на најискрена и најспонтана публика, на срдечност што не се среќава секаде. Навистина ни е убаво во вашиот град“, се пофалија неколку од актерите на „Водач“.

Претсавата се одигра на 26. мај во првиот вечерен термин. Имаше доста публика која од салата на ЦК „Бели мугри“ си замина задоволна.