Вкупно 15 претстави ќе бидат одиграни на 51-то издание на ДАФ на Македонија, кој и годинав ќе се одржи во Кочани, од 25 до 30 мај. Имињата на учесниците се објавени на официјалниот сајт на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија, како одлука на селекторот Ѕвездана Ангеловска. Освен претставите, предвидени се придружни содржини, ќе се изврши промоција на монографијата за ДАФ „Вертикали“ чии автори се Иван Ивановски и Благој Пенов, ќе има разговори со актерите, театарска работилница.
„Во ова 51 издание, мојата цел беше да влезат македонски драмски автори, проекти во кои режисер е самиот автор, а имаме и класични автори познати од светската драмска литература. Исто така и имиња кои што се дел од алтернативниот, односно експерименталниот театар. Овде го имаме Ежен Јонеско, но и Алдо де Дебенети, Миро Гавран. Претставите се од различни региони, од Скопје, Битола, Прилеп, Вевчани, Крива Паланка, Кочани, Кичево…од различни средини. Ги поздравувам наставниците во училиштата што направиле добри претстави, бидејќи некои од нив се потпишани како група режисери, некои како група автори. Со претставите што ги создале покажуваат дека се грижат за едукација на учениците, за негувањето на македонскиот јазик . Нивните претстави се на едно високо, да не речам професионално ниво. Морам да кажам, особено ми е драго за овој аматерски фестивал кој има педесетгодишна традиција, бидејќи сметам дека токму аматеризмот е изворот на професионалниот театар. “, рече селекторот, Ѕвездана Ангеловска, на брифингот што се одржа денеска во Скопје, во Клубот на писателите.
Овогодишниот ДАФ на 20 мај ќе го отвори претставата „Недоразбирање во d -mol“ на Драмска секција при Гимназијата „Гоце Делчев“-Куманово во 20. 15 часот. Во 22, 30 настапуваат членовите на Драмско студио при НУЦК од Крива Паланка со претставата „На клупата“ . Вториот фестивалски ден започнува во 12 часот кога играат вевчанци од КУД „Дримкол“, кои ќе ја изведат „Поклони се и падни“ на текст на браќата Грим, потоа во 20 часот и во 22, 30 следуваат скопјани од театарската група „Од игра до претстава“ со „Женидба“ од Гогољ и театарската група „Без маски“ од битолската „Интимен театар“ со „Барбара те сакам“.
Од 27 до 30 мај ќе настапат уште штипјани од ОУ „Гоце Делчев“ со „Снег во јуни“, кичевчани од ЦК „Кочо Рацин“ со „Добра ноќ Патриција“, Младинско драмско студио „Словото“од Велес со„Мозаикот наречен Велес“, прилепчани од Драмското студио и Центарот „Креативити“- со избор од повеќе драмски текстови насловен „Кој е крив“, Драмската група „Анима“ при Гимназија „Ј.Б.Тито“-Битола со „Болен Дојчин и Ангелина : Во името на љубовта“, па Домот на културата „Тошо Арсов“-Виница со „Чехов му кажа збогум на Толстој“ , Драмската секција при ОУ „Тодор Ангелевски“-Битола со „Зошто не сме сите исти“ и Театарска аматерска група од Нови Пазар-Србија со „Бетон махала“ . Последни настапуваат домакините од Аматерскиот театар при НУЦК „Бели Мугри“ со „Столови“ од Јонеско во режија на Перо Даниловски.
„Не би сакала да генерализирам, ама во сверата на аматеризмот постои поголема слобода, поголема желба. Очекувам да го видам токму тоа. Знам дека претставите неможат да бидат совршени, бидејќи луѓето го немаат содветното образование, ама, пак, имаат ентузијазам, воља, младост. Од 25 до 30 мај во Кочани очекувам да видам многу свежина, многу енергија, многу љубов, нешто што денеска генерално недостига“, вели Драгана Стојчевска, актер, член на фестивалското жири.
„На луѓето кои доаѓаат на фестивалот им е потребно да ги упатиме на кој начин би требало да гледаат на работите, каде да се движат. Мислам дека овој 51-ви ДАФ ќе има посебна атмосфера, бидејќи членовите на жирито, селекторот, водачот на разговорите претставуваат млада екипа. Учесниците исто така се претежно млади, така што, се надевам, ќе имаме разбирање и едно поинакво гледање на театарот. Ние сме овде да ги разбереме учесниците, како што ние очекуваме разбирање кога бевме учесници“, смета Ангелчо Илиевски, исто така, член на фестивалското жири, сега дипломиран режисер, кој пред 6 години со „Сејач на деца“ го понесе највисокот признание на ДАФ – гранприто за најдобра претстава во целина.
Меѓународниот карактер ДАФ на Македонија го задржува со гостувањето на аматерите од Нови Пазар. Се задржува и концептот на дневни и вечерни претстави за најмладата публика, класичната програма и алтернативната (експериментална) димензија.