Три претстави имаше можност да погледне кочанската публика на вториот фестивалски ден од овогодишниот Драмски аматерски фестивал на Македонија.

Членовите на Патувачкиот тетатар „Поклони се и падни“ на КУД „Дримкол“ од Вевчани настапија први како дел од дтеската програма. Ја изведоа претставата „Јованче и Марика“ на искрен начин и добија пофалби за својата игра.

Во вечерниот дел, претставата „Женида“ (од Гогољ) на училиштето за театар „Од игра до претстава“ од Скопје, понуди приказна, во која, актерите добро ги изградиле ликовите. Така сметаше водителот на разговорите, режисерката Нина Николиќ, а и публиката според аплаузот на крајот. За дел од актерската екипа на „Женидба“, Николиќ рече дека убаво ќе се снајде и меѓу професионалците. Им препорача упис на ФДУ.

Претставата „Барбара те сакам“ се играше на сцена од три девојки (кои веќе имаат учествувано на ДАФ) и едно момче, кои, велат оценките, биле навистина добри. Со малку реквизити на сцената раскажаа видување за љубовта и парите. На разговорите, актерската екипа доби комплименти – иако се аматери вклучувајќи го и режисерот, направиле вистинска професионална претстава, што не значи и дека немало недостатоци.
„Барбара те сакам“ е продукција на Театарската група „Без маска“ при Интимниот театар од Битола.