Монографијата „Вертикали“ на 27 мај (среда) ќе ја доживее својата промоција.
Во книгата е опфатено најзначајното од драмските аматерски случувања во државата во изминатите 49 години, односно од самиот зачеток на Драмскиот аматерски фестивал, како што сега се нарекува единствената врвна и со традиција, манифестација на вљубениците во театарската игра во Македонија – драмските аматери. Промоцијата е дел од придружните содржини на 51-от ДАФ. Автор е Иван Ивановски, врвен театролог и театарски критичар, кој книгата ја има направено во соработка со Благој Пенов. Промоцијата започнува во 13 часот во „Салонот Исток“ во ЦК „Бели мугри“, а улогата на промотор ќе ја има новинарот Тодор Кузмановски.
„Пред се, мене ми е драго што се појави една ваква публикација, бидејќи таа се обидува да биде еден сублимат на целото мое творештво, целото мое следење на сега ДАФ, а можам да кажам дека фестивалот го следам од првите денови во Скопје, па потоа во Велес, Струмица, Битола, Кочани… Искрено и од сесрце му се заблагодарувам за ангажманот на мојот драг и скап пријател, Благој Пенов, за се што направи, затоа што ако тој не постоеше, сигурно, под големо прашање ќе беше ставено издавањето на монографијата, која претставува значајка во живеењето на драмскиот аматеризам, бидејќи ние сме нација која многу малку внимава на документацијата, која многу малку ја чува и негува истата. Со еден збор мислам дека оваа книга претставува еден доказ за подемот и развојот на драмскиот аматеризам во Македонија и дека ќе има значајно место воопшто во нашата театрологија“, смета Иван Ивановски.
Според него, драмскиот аматеризам е една многу значајна составка воопшто во театарскиот живот. „Големиот театарски ерудит, Хуго Клајн, ќе рече дека ако не постоеше аматерското движење нема да постоеја ни театарите. Мислам дека аматерите се од извонредно значање за развојот на театарот воопшто и мислам, дека ако не постои аматеризмот, ќе го нема ниту театарот. Значаењето на драмскиот аматеризам има несогледливи размери“, вели Ивановски, кој ќе присуствува на промоцијата на „Вертикали“ в среда во 13 часот.