Драмската секција „Гимназијалци“ од Гимназијата „Св. Климент Охридски“ од Охрид на ДАФ ја изведе претставата „Домот на куклата“, како што беше кажано од професионалците што го следат фестивалот, тежок текст за игра од Хенрик Ибзен, посебно за актери аматери на таа возраст. Музиката беше значаен дел од дејството, убаво одбрана и убаво вклопена. Се свиреше и пееше во живо, на сцена.
„Знаете што, досега во училиштата се правеа најповеќе комедии за да има гледаност, за да се расположат децата, меѓутоа, јас решив да покажам дека без разлика што нивната возраст е 15 или 16 години, дека сепак тие можат да застанат рамо до рамо со возрасните и да покажат нешто, кое што не се очекува од нив, мислам во позитивен аспект. Затоа го одбрав токму Ибзен“, појасни режисерката Ирена Бачиќ.
Таа во поглед на играта на нејзините актери, вели, го добила она што го очекувала, бидејќи сепак станува збор за деца од 15-16 години.
„Имаше мала промена во поглед на сцената, движењата на актерите и можеби тоа ни беше хендикеп за да делуваме, така, покомпактно. Мислам дека децата, веќе на следната изведба, откако ќе ги применат забелешките што ги добија во текот на разговорите после претставата, ќе играат токму така како што треба“.
На разговорите после претставата што се водат во фоајето на кочанскиот ЦК „Бели мугри“ беше кажано дека „Гимназијалци“ од завршиле голема работа, која како за аматери е уште поголема. Забелешки имаше, ама не за претставата во целост, туку за одредени сегменти. Беше укажано на работи што треба да се донаправат за во иднина доколку средношколците од Охрид продолжат со драмскиот аматеризам.
„Музиката беше многу функционална, многу суптилна. Имавте многу голема посветеност во промените на сцената, која е реткост и која многу ми се допаѓа. Имавте голема еднаквост на случките, морате во тој поглед да доработите. Кога играте, во зависност од дејството, играта треба да ви биде различна, а не секогаш иста. Во секоја сцена треба да бидете различни. Имате 95 отсто добри решениа и во 5 отсто нешто ви недостасува, а тоа е најважно. Имате пропуштени кулминации, но во целина оставивте убав впечаток“, им се обрати на актерите и режисерот од претставата „Домот на куклата“, водителот на разговорите Димче Николовски, м-р по режија.
„Повеќето од коментарите беа позитивни, затоа очекувам една од наградите. Забелешки од модераторот и стручните лица имаше, но секогаш ќе има нешто што треба да се доработи. И професионалци да ја одиграат претставата и ним би им нашле нешто што треба да се доработи, да се поправи. Ние се надеваме на награда“, порача Ирена Бачиќ.