На седницата што се одржа на 18 февруари годинава во ЦК „Бели мугри“ во Кочани, Собранието на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија го усвои Годишниот извештај за работењето во изминатата 2016-та година, вклучувајчи го и Извештајот за паричното работење, заедно со Годишната сметка.
Изминатото педесет и второ издание на ДАФ на Македонија членовите на Собранието го оценија за успешно.
„52. издание на Драмски аматерски фестивал на Македонија беше вистинска фестивалска приказна која во ситуација кога се почесто се прашаме каде се вистинските, правите вредности и дали парите денес се најважни, младите и возрасните драмски аматери од нашата земја и странство оставија свој печат во фестивалската седмица, проговорија на различни јазици, но со блиски мисли и оценки за времето и сосотојбите во се повеќе глобализираниот свет. Ја истакнаа определбата дека е неминовно да опстане она што е здраво и значајно, вистинското и оригиналното. Младите се збунети и растргнати, изгубени се во она што некогаш важело за вредност и мерка на моралот. Со своите претстави донесоа мисла за нов однос кон изгубените битки, за заборавот, ново читање на драмските текстови и нов однос кон нивните содржини и автори. Порачаа дека луѓето треба да се чувствуваат добро, да им биде убаво и да бидат слободни, слободни во контекст на љубовта. На фестивалската сцена донесоа и претставија радост и убавина, претстави кои луѓето ги прават задоволни, им ги отргнуваат лошите мисли и го оддалечуваат од дневните грижи“, се вели во Извештајот за 52-то издание за кое пријави за учество поднесоа 28 театарски групи од земја и странство, а во официјалната конкуренција влегоа 13 претстави. Од нив четири се на аматери од Србија (2), Словенија и Црна Гора.
Кај членовите на Собранието и на овој состанок преовлада ставот дека и понатаму треба да се задржи интернационалниот карактер на ДАФ на Македонија. Се смета дека и на 53-то издание треба да се остави простор за три претстави од странство.
Што се однесува до претставите од Македонија, за најуспешните вратите на Фестивалот секогаш се отворени, но изненадува друга појава, која е нотирана во Годишниот извештај за 2016-та. Таму стои:„ Впечатлива и интересна за одбележување е појавата и моментот со аматерските театри кои од Министерството за култура наназад повеќе години добиваат парични средства за подготовка на драмски проекти. Но, мошне мал број од нив се јавуваат на објавата за учество во изборот на театарски претстави на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија-Кочани?! Немаме ниет да наметнеме наше мислење или пак да сугерираме дека мора или треба да учествуваат на Фестивалот, но барем да се одважат да се појават на сцената и да се натпреваруваат. Што ќе рече, тоа е во нивна полза и за нивна афирмација“.
На седницата на Собранието се проговори за должината на престојот на учесниците во Кочани додека трае Фестивалот. Општ е заклучокот дека е недоволно една аматерска група да ја одигра својата претстава и веднаш да замине. Од повеќе причини се смета дека актерите-аматери би требало да останат барам ден-два за да ги погледнат остварувањата на другите, до направат споредба, да разменат искуства… Но, тоа е поврзано со средствата. Во моментов, состојбата не дозволува престој во Кочани во текот на повеќе денови од најстарата драмска аматерска манифестација во Македонија.
Драмскиот аматерски фестивал на Македонија годинава ќе се одржи од 29-ти мај до 3-ти јуни на сцената на ЦК „Бели мугри“ во Кочани. Пријавувањето за учество е во тек.