Собранието на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија на 17 февруари одржа редовна седница, со што ги започна активностите во врска со подготовката на новото 55 – то издание на најстарата драмска манифестација кај нас.
На седницата, за нов претседател на Собранието и на Управниот одбор на ДАФ на Македонија е избран Дарко Спасов, м – р по драматургија. Пучо Михаилов, графички дизајнер и ликовен уметник, и Александра Димитрова, ликовен уметник, се нови членови на УО, а во ова тело остануваат да членуваат Лазо Тодоров и Трајче Георгиев. Јасмина Билаловиќ, актер во Охридскиот театар, ќе го изврши изборот на претставите за 55 – то издание.
Расправајќи за 53 – от ДАФ, членовите на Собранието констатираа дека е остварен содржински богат фестивал, исполнет со квалитетна драмска понуда и придружни манифестации. Беше нагласена добрата посетеност на претставите, посебно од вечерната програма, за што говори бројката на продадени билети.
53 –то издание на ДАФ на Македонија – Кочани е реализирано во целост за што се потрошени 600 061, оо денари. 2017 година ова Здружение на граѓани ја има завршено со позитивен финансиски биланс.
Годишната сметка на ДАФ – Кочани за 2017-та беше едногласно усвоена.
Исто така едногласно е усвоена Програмата за работа за 2018 година. 55 – от ДАФ на Македонија годинава ќе се одржи од 28 мај до 2 јуни во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани. Ќе го задржи основниот програмски концепт: Аматерски театар за деца и младинци, Домашен драмски аматеризам, Алтернативен театар, експеримент во театарот, потрага по нови сценски изразни средства во драмскиот аматеризам. Повторно присутни ќе бидат и придружните содржини.
Ќе се направи обид театарските ансамбли да имаат барем едно ноќевање во Кочани. Да пристигнат ден пред својот настап, да проследат неколку претстави и да се дружат со колегите и разменуваат искуства и мислења.
Управата на фестивалот наскоро ќе распише повик за пријавување претстави за учество на овогодишниот 55-ти Драмски аматерски фестивал на Македонија – Кочани 2018.