Во ЦК „Бели мугри“ синоќа започна четириесетото во низа во Кочани и вкупно 52-ро издание на ДАФ на Македонија.
„Кочани е град стожер на драмскиот аматеризам, расадник на уметници, актери, режисери, драматурзи, сценографи. На Фестивалот во програмски план и сега преовладува стремежот да се претстават најсовремените правци и движења од домашната, македонската и европската аматерска драмска сцена, со акцент на етичките и естетските разновидности на театарскиот израз. Во изминатите четириесетина години имавме сили и мечти да го осмислиме и негуваме драмскиот аматерски фестивал. И да го оствариме: еднаш како ревија, па републичка драмска смотра, па ФААТ, па ДАФ. Но, имавме и способност – моќните, велможите да ги убедиме дека вреди да се вложува во културата и уметноста на својот народ, за неговиот развој и растеж. Во одредени бурни децении од развојот, во нашите четири децении постоење во Кочани, имавме потешкотии во работењето, но успеавме аматерскиот фестивал да го спасиме од згаснување, да не ги исклучиме рефлекторите на кочанската театарска сцена“, рече на отворањето во името на управата на ДАФ, извршниот директор, Благој Пенов.
„Многу врвни театарски, воопшто уметнички имиња, оставиле печат на фестивалскиот драмски аматеризам. Александар Алексиев, Иван Ивановски, Васил Ќортошев, Илија Милчин, Горан Стефановски, Јордан Плевнеш, Илија Џувалековски, Дарко Дамевски, Снежана Коневска Руси, Мето Јовановски, Мери Бошкова се само дел од нив. Статистиката вели дека на ДАФ се прикажани повеќе од 700 театарски претстави, настапиле повеќе од 8 000 актери аматери, режисери, сценографи, костимографи и тон мајстори или во просек годишно на фестиваската сцена во Кочани на публиката биле прикажувани петнаесетина сценски остварувања. И уште еден важен податок за ДАФ. 2004-та година е почетокот на меѓународниот карактер на фестивалот, ново поглавје во драмскиот аматеризам. Интернационализацијата на оваа театарска манифестација значеше напуштање на потесните рамки на дејствување, поттик за размена на нови искуства. Кочани ги отвори вратите на многу театарски ансамбли од странство“, издвои градоначалникот Ратко Димитровски, отворајќи го овогодишниот ДАФ и посакувајќи му среќа на фестивалот и театарските работници.
Овогодишниот Драмски амтерски фестивал имаше прд-отвороње, што се одржа на скалите од влезот на ЦК „Бели мугри“, при што млади актери читаа текст за ДАФ, за градот домаќин и за фестивалот на драмските аматери воопшто.