Драмскиот аматерски фестивал на Македонија започнува вечерва. Според традицијата, домаќин е Кочани, по 40-ти пат. Отворањето на 52-то издание на престижната манифестација на драмските аматери од републиката и гостите од странство е закажано за 19, 50 часот на сцената на ЦК „Бели мугри. Предвидена е поздравна реч на градот домаќин и на фестивалската управа.
Гостите од Словенија настапуваат први, во 20, 00 часот. Членовите на КД „Стична“ – „ Дрзне ин лепи“ од Иванчна Горица ќе ја одиграат претставата „Хамлет“ од Шекспир, за која преводот го направи Отон Жупанчич. Режијата е на Трајче Гјоргиев.
Во 22, 15 часот своите мигови на сцената ќе ги има Аматерскиот театар на кочанскиот ЦК „Бели мугри“. Младите актери Тодор и Марија Ѓоргиеви и Александар Арсов ќе се претстават со „Просидба“ од Антон Павлович Чехов. Режијата потворно е на Трајче Гјоргиев. Со ова завршува првиот фестивалски ден.
После секоја претстава следуваат разговори со актерите и режисерот, што ќе ги води Димче Николовски, м-р по режија. Разговорите се од отворен каратер и на истите вообичаено присуствуваат и членовите на жирито.
Сите информации во врска со 52-то издание на ДАФ на Македонија, во врска со претставите, актерите, фотографии…ќе можат да се најдат на официјалната веб-страница на фестивалот: dafkocani.com.