ДАФ

Драмски аматерски фестивал (ДАФ) е годишна театарска манифестација на која настапувааат најдобрите аматерски театри и театарски групи од Македонија и странство. Домаќин на фестивалот е Кочани.

Историја на ДАФ

​Фестивалот своите почетоци ги имал во 1961 година, кога од 1 – 10 декември во Работничкиот дом во Скопје се одржала Првата аматерска театарска ревија. Нејзин домаќин бил Клубот на љубителите на театарот,а на таа прва ревија настапиле пет театарски групи од Скопје, Делчево, Пробиштип, Охрид и Гостивар.

Следната, втора по ред, Ревија на аматерските драмски ансамбли се одржала од 24 – 28 ноември 1963 година во Штип и на неа настапиле 12 тетарски групи. Домаќин на третата, четвртата и петтата Ревија повторно бил Штип, и истите се одржале во 1965, 1967 и 1969 година. Од 9 – 16 мај 1970 година Битола била домаќин на шестата ревија што оттогаш го добива називот Републичка аматерска драмска смотра (РАДС). Истиот град ги пречекал најдобрите драмски аматери од Македонија и во 1971 и 1972 година, а потоа домаќин на РАДС во 1973 и 1974 година била Струмица. Домаќин на XII РАДС од 15 – 22 мај 1976 година бил Велес, а веќе од наредната 1977 година манифестацијата се сели во Кочани.

Со организирањето на XIII РАДС, Кочани станува постојан домаќин на Смотрата, сè до денес. Во меѓувреме, во периодот од 1992 – 2000 година РАДС е преименувана во Фестивал на аматерските и алтернативни театри (ФААТ), а од 2000 год. до денес го носи називот Драмски аматерски фестивал (ДАФ).

Во изминатите 50 години (1961-2011) на одржување на Фестивалот, биле прикажани 703 драмски претстави со впечатлива бројка од 8.179 актери, артисти, режисери, сценографи, суфлери, инспициенти, светло и тон мајстори, менаџери и водачи на театарски аматерски ансамбли. Во периодот од 1977 до 2010 година, кога домаќин е Кочани, на Фестивалот просечно годишно биле одиграни 14 претстави, со по 178 актери.

Одржување

Драмскиот аматерски фестивал вообичаено се одржува секоја година во последната недела од месец мај и трае 5 фестивалски денови, со по две до три претстави дневно. Право на учество имаат аматерски театри, драмски секции, студија, експериментални сцени и други форми на самостојно сценско изразување и организирање на територијата на Република Македонија, како и странски аматерски театарски ансамбли.

Концепција

Во 1991 година, за првпат по повеќедецениско постоење на оваа театарска манифестација, бил формиран Совет на РАДС кој за задача си поставил осмислување на физиономијата на манифестацијата, имајќи предвид дека по осамостојувањето на Македонија драмскиот аматеризам доживеал силен развој, а во меѓувреме се појавиле и нови форми на театарскиот израз.

Имајќи предвид дека со години наназад на РАДС главно се појавувале три вида претстави: оние што се создавани од деца или се наменети за деца, потоа оние што ги продуцираат најразлични аматерски состави и најнакрај, алтернативниот односно експериментелниот театар. Токму затоа, се формирале три програмски сегменти во рамките на РАДС, односно ФААТ:

  • театар за деца и младинци,
  • драмски аматерски театар,
  • алтернативен театар

Со оглед на тоа дека со развитокот на театарскиот израз постепено се губи границата меѓу обичниот и алтернативниот театар, во 2000 година ФААТ го добива сегашниот назив – Драмски аматерски фестивал. Со тоа се потенцира важноста на драмската игра, а не на нејзината форма, при што ДАФ ја задржува програмата за деца во дневните термини, и вообичаената, драмска програма во вечерните термини.

Во склоп на манифестацијата, а со цел таа да стане порепрезентативна и повпечатлива, низ годините се одржувале и придружни активности поврзани со театарот и драмското творештво, како: изложби, омажи, натпревари во уметничко говорење текст (рецитаторство), експериментални сцени, театарски работилници и слично.

На ДАФ – Кочани се доделуваат вкупно осум награди:
најдобра женска епизодна улога;
најдобра машка епизодна улога;
најдобра женска главна улога;
најдобра машка главна улога „Никола Димитров”;
најдобра режија „Борис Стојчев“;
награда за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар; ГРАН ПРИ „Васил Ќортошев“
и
Специјална награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци.

Учесниците на ДАФ ги селектира селектор, а наградите ги одредува жири комисија. Со фестивалот управува Управен одбор и Извршен комитет, а подготовките се доверени на Извршен директор.