Изложба од сценографии беше отворена синоќа во фоајето на ЦК „Бели мугри“ во Кочани. Нејзин автор е Крсте Џидров – Џиби, кого пријателите и колегите го нарекуваат легенда. Тој, инаку, е архитект, сега пензионер. Еден од најплодните сценографи кај нас е. Бил и драмски аматер, во младоста освојувал награди во Битола, Кочани, на Хвар во некогашна Југославија.

„Минатата година се навршија 35 години од мојата прва професионална сценографија во професионален театар. Инаку, со сценографија и театар се занимавам од гимназиските денови и лани, како ретроспективна, оваа изложба се промовираше на фестивалот МОТ по повод тој јубилеј од 35 години. Ова е дел од таа изложба, бидејќи има триесетина трудови. Во Скопје имаше деведесет трудови, плус скици и цртежи.
Вкупно досега имам направено околу 150 сценографии, десет сценографии за филмови, а се занимавам и со графички дизајн, плакати…

Многу ми е драго што доаѓам на Драмскиот аматерски фестивал, затоа што 1971 година бев актер во групата ’Свети Никита Голтарот’ што го водеа Милчин и Унковски и во стариот театар во Битола ја изведовме претставата ’Предание’ од Славко Јаневски и победивме. Истата година отидовме во Хвар на југословенскиот натпревар и таму бевме апсолутни победници. Десет години подоцна, како сценограф, со полуаматерската група која се вкаше Театарска група „ФФ“ бевме овде во Кочани на Фестивалот и со претставата ’Животинската фарма’ од Џорџ Орвел ја освоивме првата награда на ДАФ. Тогаш ја добив и првата награда за сценографија. Затоа сум сентиментално врзан за фестивалот во Кочани.“

Изложбата Крсте Џидров – Џиби и понатаму е пред публиката, пред сите посетители што ќе дојдат да проследат некоја седржона од 56 –то издание на ДАФ.