На кумановски начин и дијалект актерите на Аматерскиот театар „Куманово“ ја одиграа претставата „Ништо без Трифолио“ на отворањето на вечерниот дел од програмата од вториот фестивалски ден во Кочани. Нивниот начин на игра беше весел и ненаметлив, по малку наивен. Интересно е да се издвои тоа што дел од оваа комедија беше и куклената игра. Гледачите можеби не одреагира така како што очекуваа младите кумановци, што не значи дека претставата не беше привлечна.
„За мене децата беа добри, но најдобро не ги разбрав луѓето во публиката. И порано во Кочани сме играле на кумановски дијалект, луѓето паѓале од смеење…Не забележав во што е работата“, ни рече неколку мигови пред да започнат разговорите што ги води актерката Јасмина Билаловиќ, режисерот Стоје Додевски.
Токму Билаловиќ, пак, истакна дека она што е полн погодок кај овој „Трифолио“ е вметнувањето на кумановскиот дијалект.
„Во секој случај ние го дадовме нашиот максимум. Публиката не може да се бира и таа е секогаш во право“, нагласи Додевски.
Освен што е задоволен од играта на неговите млади актери, режисерот од Куманово, кој неколку децении е присутен на аматерската театарската сцена во Македонија, изрази задоволство од тоа што тој и неговата екипа, како што рече, успеале да постигнат синтеза помеѓу куклата и живата слика.