„Невообичаена претстава која вообичаено не ја гледаме поставена на сцена туку обично на филмските платна.

Станува збор за приказна за една група ученици меѓу кои има и Евреи. Периодот е април 1941 година, на почетокот на Втората светска војна. Претставата е воена драма-трагикомедија и во неа се преплетуваат животи на децата и нивните родители, нивната снаодливост да преживеат и нивниот начин на давање на отпор кон окупаторот. Претставата носи една силна порака – никогаш повеќе да не се потвори и да се разбере кои се всушност размерите на злото што го носи нацизмот, кои биле наметнати врз Европа, а посебно врз овие наши краишта на Балканот. Претставата е работена пред една година и постигна голем успех на матичната сцена во Тетово. Куриозитет е што ја играат деца, членови на Летачката театарска група на возраст од 6 до 12 години, заедно со возрасните членови на групата, што е еден невообичаен спој на младоста и искуството и преку тоа можеме да видиме дека дури и децата можат да насмеат и расплачат возрасна публика“, порача Владимир Јовановски, кој ги има направено текстот и режијата за “Отпишани“ што синоќа на петтиот фестивалски ден ја изведоа членовите на Летачката театарска група од Тетово.