Со „Рибарски караници“ се претставија членовите на Драмската секција на Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово. Тие, си играа на сцената, онака како што знаат и умееат, без оглед што стручните оценки велат дека им недостасувале емоции. Тоа, колку што се виде во разговорите после претстават, многу не ги допре младите актери-аматери. Но, за натаму, укажувањата на модераторите, секако ќе им се најдат.
Гимназијалците од Куманово, за играта на текстот на италијанскиот комедиограф, Крло Голдони, на крајот добија аплаузи од публиката во салата на ЦК „Бели мугри“ во Кочани и беа навистина среќни.
„Спореед мене вечерва претстават беше феноменална. Имаше некои технички проблеми, да, но сепак актерите се млади и нормално е да има проблеми, некој да се збуни, да направи грешка. Тремата си го стори своето кај сите, затоа што за прв пат сме на еден вака значаен фестивал, на ваква сцена со доста публика. Имаше одзив во гледалиштето, што ни се допадна на сите, иако на почетокот од претставата имаше сцени после кои очекувавме смеење, кое изостана, но како минуваше времето се си дојде на свое место“, вели режисерката на Рибарски караници“, Сара Илиќ, и самата премлада за сериозна работа како што е режијата. Сара годинава завршува гимназија.
„Искрено да ви кажам“, продолжи таа, „нам, на сите воопшто од драмската секција, ни беше огромна чест што сме примени на еден ваков фестивал, за што сме многу благодарни. Јас, само сакав актерите да излезат на сцена и да уживаат и воопшто да не се секираат дали публиката ќе се смее, ќе плаче или било што друго. И тие го направија токму тоа, задоволни се, гледате“.