Започна 51-от Драмски аматерски фестивал. Одиграни се првите две претстави. Се одржаа и разговорите со актерите што како медијатор ги води режисерот Нина Николиќ, на кои присуствуваше и авторот на една од двете прикажани претстави, Трајче Кацаров.
Во името на фестивалската управа на свеченото отворање зборуваше Благој Пенов, кој рече дека ова е нов почетокот (после педесетте изданија кои се веќе зада нас) на драмскиот аматеризам кај нас. ДАФ на Македонија го отвори Јордан Димитров, претседател на Советот на Општина Кочани. Салата во Центарот за култура не беше исполнета „до последното место“, но, сепак, посетеноста од искрените љубители на театарската уметност, беше пристојна.
„Недоразбирање во d-moll“ е првата одиграна претстава на ДАФ 2015. Членовите на Литературните клубови и Драмски секции на Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово излегледаа убаво на сцената. Актерите глумеа, играа и пееја „подготвувајќи“ го мјузиклот „Брилјантин“. На разговорите, авторот на текстот Давид Јовановиќ (кој ја има и режисерската улога) беше пофален, дека и од професионалци е тешко да се напише такво нешто.
„На клупата“ ја одиграа членовите на Драмското студио при НУ ЦК од Крива Паланка. Текстот на Трајче Кацаров (и од него) на разговорите беше оценет како тежок за играње, со изразит литературен акцент. Претставата режисерот ја поставил за играње на отворено, во парк со клупа, а овде четворицата актери беа во сала, на сцена, што според видувањата на жирито и селекторот, дава поинаква слика.
Денеска ДАФ продолжува. Во 12 часот ќе се проследи претставата за деца „Поклони се и падни“ на КУД „Дримкол“ од Вевчани, во 20 часот следува „Женидба“ на Училиштето за театар „Од игра до претстава“ од Скопје и во 22, 30 часот на програмата е „Барбара те сакам“ на Театарската група „Без маска“ од Битола.