На сцена, во кочанскиот Центар за култура, младите битолчанки Ана Жежовска, Симеона Павловска и Симона Овезовска ја одиграа претставата „Слугинки“, направена по текстови од Жан Жене и Ева Енслер. Режисер е Димитар Шутевски. Со ова, практично, се „затвори“ официјалниот дел од програмата на 52-то издание на ДАФ на Македонија.

Интимниот театар – Без маски и е добро познат на публиката во Кочани. Битолчани неколку години наназад играат камерни претстави и добиваат награди. На 27 мај беше претесно на сцената, имаше премногу публика, која во еден здив ја изгледа „Слугинки“
Станува збор за претстава која што зборува за бунтот и воскликот на младата генерација, која се соочува со низа проблеми и конфликти во време кога капиталот е показател за моќта. Стравот е присутен, не дозволува да се прескокнат препреките, да му се каже не на работодавецот, наивниот родител, егоцентричниот професор, љубовникот/љубовницата, поради исходот кој ќе следи. Некои сметаат дека „Слугинки“ укажува и на тоа како се губи средната класа, дека денеска сите ние или сме во улога на господари или сме во улога на слуги.

Во текстовите на Жене и Енслер, девојки од Битола го прикажаа револтот на двете сестри слугинките: Клер и Соланж кон нивната господарка. Истовремено го поставија прашањето: Какви сме кога сме слуги, а какви кога сме господари?

Актерките, освен што ги играа улогите, танцуваа и пееја. Ги споделија емоциите со публиката и го добија очекуваното ракоплескање.