На првата фестивалска вечер, средношколците од Гимназијата „Кочо Рацин“ ја одиграа претставата „Многу врева за ништо“, за која адаптацијата на текстот од Вилијам Шекспир и режијата ги направи Слободанка Чичевска. Откако завршија нивните моменти на сцената на ЦК „Бели мугри“, ги забележавме како го следат џез концертот на „Летечките пекинезери“.

„Признавам имавме малку трема затоа што ни најавија кој се годинава ќе биде жири и кој се ќе ја следи претставата. Меѓутоа, не ни е ни прва ни последна претстава и затоа мислам дека секој однас добро се снајде, со оглед на тоа што сме поприлично голема група актери. Во Кочани дојдовме 18 – 19 луѓе, тоа е хаос позади сцената, но тоа ја прави претставата посебна.

Нас ни е многу поинтересно отколку на публиката, бидејќи знаеме што се случува зад сцена. Но, се надевам дека нашата игра им се допадна на гледачите, реакциите беа добри, не вратија неколку пати на бис. Во оваа работа аплаузот е највисоката цена што може да ни биде платена.

Освен ова, ми се допаѓа што годинава на ДАФ има супер организација – бендови, ди-џеи, џез, хип-хоп, супер е. Тоа му дава некој посебен „дух“ на Кочани. Сите имаат да отидат некаде, да најдат нешто интересно, откако ќе им заврши претсавата. Награда ? Може, се надеваме.

Ќе бидем неискрен ако кажам дека награда несакаме“, ни изјави Стефан Николовски кој се појави во улогата на Дон Педро.