Членовите на Драмското студио на Центарот за култура од Крива Паланка во вечерниот дел од програмата на четвртиод ден од Драмскиот аматерски фестивал на Македонија одиграа интересна комедија која се однесува на коцкањето во обложувалници, појава која доминира веќе подолг период во различни општестава. Истовремено, зборува и за другарувањето помеѓу оние кои што уплаќаат ливчиња во обложувалници.

Станува збор за текст на Владимир Ѓурѓевиќ со наслов „Не обложувај се на Англичаните“, додека режисерката палка е во рацете на Глигор Цветковски. За цело време на сцената се тројца млади актери аматери, кои се обидуваат да ја доловат атмосферата кога се очекува уште еден резултат за добивка.

Во суштина станува збор за современа комедија која го отелотворува трагикомичниот момент на хазардерството како феномен на денешницата од една страна, но и цврстината на пријателството во еден брз и динамичен свет на парите.

„Презадоволен сум од играта на актерите. Имааа подеми и падови на сцената, но, на крајот, кај мене преовладува задоволството од впечатокот што го оставивме во Кочани. Сепак ова претстава ја играме само по четврти пат, што значи ни останува уште многу за работа“, вели младиот режисер Цветковски.

Тој изјави дека секогаш е оптимист, дека секогаш оди напред. „Така е кај аматерите, ентузијазам, желба добро да се претстават, па зошто не и да се очекува некоја од наградите“, ни рече режисерот на „Не обложувај се на Англичаните“.

Минатата и оваа година членовите на Драмското студио при Националната установа од Крива Паланка учествуваа на два меѓународни фестивали, на „Св. Јоаким Осоговски“ и во Тополовград во Бугарија.