Аматерите од Кочани се појавија на сцената на ЦК „Бели мугри“ последни на првиот фестивалски ден. Претставата се играше на сцената, преполна со публика.
„Аматерскиот театар од Кочани, како и многу пати до сега, поуди солидно театарско достигнување. Тие ја донесоа претставата „Пеликан“ од Аугуст Стриндберг. Сериозен текст, но покажаа и сериозни можности.
Актерите учесници во оваа претстава…без малку ова е тој тип на аматеризам кој што се стреми или се доближува до професионализмот – во инпостацијата на претставата, во захтевот за солидни актерски можности. И навистина, колку се солидни актерските остварувања, ние, еве, да бидеме поскромни ќе кажеме дека тие ги содржат во себе тие клици, елементи на талентот којшто допрва може да се развива, особено кај некои од учесниците.
И можеби тука треба да се потцрта таа функција на аматеризмот дека во него се регрутираат можеби идни театарски работници. Оваа претстава донесува квалитет, таленти и надежи за македонскиот театар“, рече новинарот од културата на Македонското радио, Тодор Кузманов, во улога на водител на разговорите со актерите после претставите.
Режисер на претставата е Перо Даниловски, играа Александар Арсов, Влатко Игнатов, Викторија Панова, Нина лаковиќ и Марија Ѓорѓиева.