Книгата „Punk is dead“ од словенечкиот автор Томаж Космач беше промовирана синоќа во Паркот на Револуцијата, каде што од 28 мај се одвиваат сите музички настани, кои што се придружни содржини на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија. Самата промоција беше интересна и провокативна, привлече доста публика. Посебно доживување беше Марко Брецељ, фронтменот на некогашен „Булдужер“, најавен како учесник во промоцијата. Дојде со својот автомобил, кажа дека кај нас си купил рачна количка, ја стави на главата, комуницираше со публиката, свиреше и пееше. Неговиот настап беше „настан во настан“.
Промотор беше Владимир Јанковски.
„Треба да се истакне дека збирката раскази ’Панкот е мртов’ е мошне интересна од гледна точка на ситуациите, различните книжевни планови, тонот на раскажувањето кој често се движи и се менува. Општо место би било да се каже дека дел од овие раскази функционираат како еден вид мали филмиски сцени, дека се многу филмични. Значи, книгата е натопена со трагикомични ситуации, со свежи и сурови описи што е исклучително битно. Многу нетипична убавина, убавина која што можеби на прв поглед не изгледа дека е убавина или нешто што не сме навикнати на прв поглед да го доживуваме како убавина. А, сите овие елементи уште еднаш го отвораат прашањето за етабилираните општествени норми.
Можеби Космач во книгата верува дека панкот е мртов, но просторите на личната слобода, на слободата на индивидуата да избере да биде она што таа сака да биде, во никој случај не е мртва. И во тоа се состои веројатно една од најголемите вредности на оваа збирка раскази. За крај, само сакам да истакнам дека расказите се одлично преведени (преводот го направи Дарко Спасов), функционираат како да се напишани на македонски јазик. Тоа е дополнителен квалитет за сите оние што ќе се одлучат да ги прочитаат расказите и да бидете дел од убавината наречена ’Панкот е мртов’“, рече Јанковски на промоцијата.
Авторот, Томаж Космач, беше тотално неформален за ваков настан. Облечен во маичка и патики, мирен, ненаметлив. Себе си се смета за неуспешн. Кога се вратил од ЈНА, се обидел да најде што ќе прави во животот. Но, не нашол нешто што ќе го исполнува и, во разговор најверојатно на шега, ни рече дека сакал да се убие, ама не му се посреќило. Бог го сакал, па се одлучил да живее од социјална помош. Вели : „Сега живеам како лорд!“
На новинарскот прашање зошто одбрал така провокатевен наслов за својата збирка раскази, Космач одговори:
„Затоа што панкот како движење е мртов. Многумина велат дека тој уште живее. Многу луѓе го играат на концерти, го свират многу бендови, но како движење панкот е мртов. Книгата е збирка на згоди и незгоди. Јас го пишувам она што го живеам. Тоа што ќе го проживеам, тоа и го пишувам. Јас имам потреба од доктор, а мојот доктор е психијатар и тој секогаш ми вели – пишувај и само пишувај. Ако не пишувам, тогаш е лошо за мене“.