„Ние, уште со самото доаѓање на власт препознавме дека овде во Кочани има силно јадро кое што сака да ја развива културата во градот и да го подобри местото кое што градот го има на културната мапа во Македонија и регионот и дадовме почетна подршка. Ова е само еден благ и убав притисок од ваша страна таа наша заложба уште повеќе да ја развиеме“, рече синоќа на отворањето на ДАФ на Македонија во Кочани, Роберт Алаѓозовски, претставник на Македонската влада и национален координатор за култура.
„Ако професионалците од Кочани сакаат театар, ако граѓаните сакаат театар, просто, театар мора да има и ние тоа мора да го оствариме. Особено се согласувам дека постоењето на силно професионално јадро во градот, во овој Центар за култура, ќе му даде поттик и на самиот фестивал, кој што жилаво преживеа толку многу години. Во таа смисла нашата подршка и преку Министерството за култура за самиот фестивал на драмскиот аматеризам ќе продолжи, затоа што аматеризмот е основата на развојот на врвните актери и професионалци, а секако и остварување на таа единствена манифестација од овој тип во земјата. Очекувам дека ќе има многу убави фестивалски денови, веќе видовме дека фестивалската програма е разновидна и збогатена и просто присуството на толку многу значајни луѓе од регионот вечерва го поздравувам. Ние во Македонија можеме да одиме напред само ако ја зголемуваме соработката меѓу нас – регионална, на национално ниво, на меѓународно ниво, меѓудржавно ниво, погранично и тоа се партнерства кои можат да не водат напред, така што да ги негуваме нашите соработки, и да му посакаме на ДАФ уште многу успешни години“, порача Алаѓозовски од говорницата на сцената на ЦК „Бели мугри“ во Кочани.