Драмскиот аматерски фестивал на Македонија е бренд за културен настан, манифестација за која новинарите сметаат дека е најзначајна и со најголем авторитет на истокот од Македонија. Изборот на најдоброто на Истокот го изврши Регионалниот центар на ЗНМ.

Прогласувањето се одржа во петокот вечерта во ресторанот „Александар парк“ во Виница, настан кој беше наречен „Ноќ на најдоброто од Истокот“. Признанието во името на ДАФ го прими извршниот директор, Благој Пенов. Присутни беа добитниците на наградите, новинари, градоначалници, претставници на бизнис-секторот… Меѓу останатите добитници се и Општина Виница која е прогласена за најхумана општина во регионот, рудникот „Саса“, „Актива“ – Штип и „Винчини“ од Виница, се најдоброто во стопанството, Саша Митрев, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ и штипската гимназија „Славчо Стојменски“ за 100 години постоење се најдоброто во образованието. Признание доби и доктор Пацка Доневска од Пробиштип, комплексот „Аурора“ на Беровско езеро, Амбасадата на Швајцарија во Македонија за поддршка за животната средина преку проектот за заштита на Брегалница, Димитар Узунски, водачот на фолклорната група „Копачка“, Организацијата на жени од Свети Николе, Емил Павлов, каратист со европско злато и Женскиот фудбалски клуб од „Кочани“, носител на двојната круна минатата година.