„Сакавме да кажеме дека печалбарството во Македонија трае од дамнешни времиња до денешни дни само што сликата денеска е поинаква, дека денеска печалбарите се поретко се враќаат, односно дека миграцијата во странство станува се повеќе погубителна. Според податоците што ние ги добивме во истражувањето за претставата, свативме дека некаде околу 660 000 луѓе се иселени од Македонија, а тоа е навистина поразителна бројка, која изнесува третина од вкупниот број на населението кај нас“, ни изјави Саша Нацевски, режисер на претставата „600 613 – каде ми се другарите“ на Театарот „Чин 4, сцена 5“ од Прилеп.

Станува збор за текст од документарни материјали, писма и сведоштва на иселеници и текст според „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле, „Чест“ на Васил Иљоски и „Печалбари“ на Антон Панов. Претставата се играше во вечрниот термин од 20 часот на третиот фестивалски ден.

„Генерално сум задоволен од тоа како моите актери ја донесоа приказната пред публиката, со оглед на тоа што претставата не ја игравме шест месеци. Малку темпо – ритамот беше, така, прилично бавен. Инаку, кога би ја збиле во тие час и дваесет минути, мислам дека би добила на динамика.

Се познава паузата од шест месеци, сепак, чест ни е што настапивме на ваков еминентен и престижен фестивал. Јас пораснав со овој фестивал, како аматер и младинец сум учествувал на ДАФ. Со некои од луѓето овде што го создаваат фестивалот, имам остварено трајни конекции и врски и долгогодишни пријателства.

Публиката добро реагираше на играта на актерите, бидејќи ова е тема која сите нас не засега. Битовото е навлезено во македонскиот генетски код и… како да кажам, кога работиш македонска битова драма, ако навистина ја погодиш темата со која се занимава битовата драма, мислам дека ниту една публика нема да остане рамнодушна“, прецизираше Нацевски.