„Драмскиот аматерски фестивал е расадник на кадри кои денес се темели развојот на нашиот професионален театар.

Оваа сцена – со играта, со многуте награди и аплаузи од публиката е пттик за професионалната ориентација на многу аматери. Токму за ова познатиот театарски критичар, Иван Ивановски, кој е со овој фестивал од првото негово издание, ќе рече : доколку оној што сака да се занимава со театар не поминал низ аматеризмот, тој не може да биде артис.“ Со овие зборови синоќа во Кочани, пратеникот Иван Иванов, го отвори 50-то издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија. На сцената во ЦК „Бели мугри“ како дел од проектот „Живи драмски слики“ први се појавија повеќе актери и режисери, кои одиграа фрагменти од улоги во претстави со кои некогаш настапиле на Фестивалот во Кочани. Проговорија и за свои колеги, се потсетија на времињата и „штиците што живот значат“ од седумдесетите и осумдесетите, рекоа дека нема амтерска и професионална претстава, туку само добра или лоша претстава. „Што да ви кажам. Кочани – од овде носам незаборавни спомени. Овде со мои претстави сум бил дваесетина пати. Мене ми недостасува оној жар во аматеризмот од пред триесетина години, иако и сега има ентузијасти што сакаат да работат. Кај мене страста за театарот нималку не е згасната, можеби го почуствуваат во монологот што го изведов“, рече Слободан Елисеев, режисер во „Сцена 71“ од Свети Николе, кој со драмскиот аматеризам во Македонија е педесетина години. „За мене Кочани е втор Гостивар. Од 1978 па наваму сум присутен на ДАФ. Ова е вечер е нешто посебно. Навистина, една културна манифестација да опстои 50 години е за секоја пофалба и почит. На Фестивалот и на пубилката во Кочани и Македонија им посакувам ДАФ да трае уште неколкупати по 50 години“, порача Стојче Милошевски, актер и режисер од Гостивар. Режијата и синопсисот на „Живи драмски слики“ ги направи Васил Шумански, а водител беше Страшко Милошевски. Учесниците во овој проект добија плакети од организаторот на ДАФ.