Според реакциите на публиката и честитките и пофалбите што ги упатија водителите на разговорите во досегашниот дел од официјалната програма на 50-от ДАФ се издвои претставата „Жив човек“, која е адаптација на истоимената драма на Горан Стефановски. Учениците од СУГС „Ј.Б. Тито“ од Скопје како Театарска група „Катастрофа“, на сцената на ЦК „Бели мугри“ синоќа имаа изведба со завидна посетеност и убаво го понесоа „тешкиот“ текст на култниот Стефановски. Режисерките Ива Матиќ, Димитар Јакимовски и Ана Димитрова истовремено беа и актери. Долгиот аплауз кажува дека публиката реагирала позитивно на она што се случуваше на сцената. Ментор на проектот на Театарската група „Катастрофа“, кој до фестивалот во Кочани имал три изведби на сцена, е Емилија Величкова.