Со претставата „На пучини“(„На морската шир“) на Великиот театар од Јагодина, Србија, започнува 53. ДАФ на Македонија. Почетокот на претставата е закажан за 20 часот на сцената на ЦК „Бели мугри“ во Кочани.
Станува збор за текст на Славомир Мрожек, еден од најзначајните полски автори во втората половина од 20-от век, чии дела често се се сметаат за припадници на театарот на апсурдот.
Приказната се одвива во еден чин со сценографија која доловува брег на отворено море. Три лика (со имиња според нивниот физичкиот изглед – Дебел, Среден и Мал) се изгубени на море, со исцрпени резерви на храна, очајни и гладни. Кај нив се случува распад на цивилизациските вредности, започнуваат да преовладуваат животински инстинкти. Испревртената свест на поединецот, кој станува себична единка, во овој драмски текст има сосема поинаков третман. Господството и цивилизираноста на јунаците се потенцирани не само со нивниот изглед (носат елегантни црни костуми и бели кошули), туку, исто така и со нивните манири и постапки.
Тие се љубезни цело време. Изгладнетите бродоломци не забораваат да си персираат едни на други, дури и во време кога за да преживеат мораат да се свртат кон канибализам…
Целата претстава е подредена на јачината на текстот, така што актерите мора да покажат способност да се справи со таа енергија.
Главните улоги ги играат: Ратко Петровиќ, Александар Брадиќ, и Урош Лазовиќ. Режисер на претставата е Бојан Милорадовиќ.
После претставата на гостите од Србија предвидена е промоција на книгата „Македонскиот рис“ од авторот Славе Ѓорѓо Димески. Промотор е проф. д-р Ивица Џепаровски, додека илустрациите ги направи Сергеј Андреевски. Промоцијата започнува во 21, 30 часот.