Педестетото јубилејно издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија, што се одржа минатата година од 26-ти до 31 мај на сцената на ЦК „Бели мугри“, заслужува висока оценка, заклучија денеска членовите на Собранието на Фестивалот, на редовна седница што се одржа во Кочани и со која раководеше претседателот, Емил Рубен. Високата оценка се однесува подеднакво на квалитетот на претставите и на сите аспекти од организациски карактер.

Од придружните содржини, Собранието ја издвои Изложбата на документи и фотографии од архивата на ДАФ насловена „Напред кон минатото“. Впечаток остави и Билтенот на фестивалот со своите четири броја во текот на петте фестивалски дена.

На седницата, членовие на Собранието на ДАФ најавија скорешно излегување од печат на Монографијата „Вертикали“, што ја работат истакнатиот театарски критичар и театролог, Иван Ивановски, и Благој Пенов, извршен директор на фестивалот на драмските аматери. Монографијата говори за досегашните педесет изданија на Фестивалот и нејзината промоција би требало да се случи до крајот на месец март.

На денешната седница на Собранието на ДАФ на Македонија, покрај останоатото се прифати Годишниот извештај за работа (за 2014 г.), се усвои Годишната сметка и беше доставена Информација за поднесените проекти за работа во 2015 година до Министерството за култура, градоначалникот на Кочани и Советот на Општина Кочани.

51-то издание, како што беше кажано на Собранието, во извесна смисла, е нов почеток на ДАФ на Македонија. Се задржува востановениет концепт. Повикот за пријавување на претстави е во тек, а според посетеноста на службената веб-страница и веќе остварените контакти, интересот (кај домашните и странски драмски аматерски дружини) е голем. Годинава ДАФ ќе се одржи од 25 до 30 мај.