Фестивалот може да започне. Сите подготовки се завршени, извршена е и санација на сцената во ЦК „Бели мугри“.
Селкторот, Звездана Ангеловска, од пријавените 35 претстави во рокот предвиден со правилникот ги одбра петнаесетте што влегоа во официјалната конкуренција. Жирито овој пат е составено од млади режисери. Во него влегоа Ангелчо Илиевски, Драгана Стојчевска и Милош Андоновски. Јавноста е информирана. Спремни сме за нов почеток. Ова го кажа извршниот директор на ДАФ на Македонија, Благој Пенов, на средбата со новинарите во Кочани.
51-то издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија започнува на 25 мај во 20, 30 часот со драмските аматери од СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ од Куманово, кои ќе ја одиграат претставата „Недоразбирање во d-moll“, а завршува на 30 мај, кога во чест на наградените, на затворањето на најзначајниот собир на македонските драмски аматери ќе настапат кумановските пензионери со „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ. Оваа претстава започнува во 20, 30 часот, откако претходно ќе бидат прогласени најуспешните. Се задржува меѓународниот карактер на ДАФ, бидејќи во конкуренција е влезена претставата „Бетон махала“ на театарот од Нови Пазар, Србија.
Треба да се напомене дека како придружна содржина, предвидена е промоцијата на монографијата „Вертикали“ од театарскиот критичар Иван Ивановски и од Благој Пенов како соработник. Овој вреден труд е посветен на изминатите 50 години драмски аматеризам во Македонија.