ДАФ

Драмски аматерски фестивал (ДАФ) е годишна театарска манифестација на која настапувааат најдобрите аматерски театри и театарски групи од Македонија и странство. Домаќин на фестивалот е Кочани.

Историја на ДАФ

На нашава, Македонска почва од дамнина имало разновидни активности и форми на драмски другарства на аматерска основа, секции, работнички клубови, културно-уметнички друштва, театри и сценски изразни средства. Зародишот на нашиот фестивал, денес препознатлив како Драмски Аматерски Фестивал на Македонија-Кочани, датира од 1959 г. Имено, таа година, од 06. до 12. декември 1959 година во Битола се одржува Првиот фестивал на аматерските драмски, културно-уметнички друштва и театри. Според рецензијата на Иван Ивановски објавена во „Културен живот“ (год. IV, бр. 5, од 1959), на овој фестивал настапиле 14 селски и градски ансамбли. Притоа, најсилен впечаток оставил аматерскиот театар од Куманово кој настапил со пиесата „Ден за одмор“ од Валентин Катаев во режија на Ѓ. Николовски. Награда за режија добил и Љубиша Трајковски за делото „Младоста пред суд“ од Х. Тимаер во изведба на КУД „Оцка Михајловски“ од Прилеп. Наградата за најдобра машка улога му припаднала на Ацо Ѓорчев како Скапен во претставата „Ѓаволштините на Скапен“ во режија на Саша Маркус. За изведбата на „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле драмската група од с. Вевчани била прогласена за најдобра селска група, забележителен театарски талент покажало и КУД „Народна просвета“ од село Вруток, тетовско, со битовата пиеса „Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски. Заедничка белег за драмските амаетри е негувањето на литературнот збор, грижата за што почист Македонски литературен јазик и говор на сцената.

Аматерскиот театарски фестивал на почетокот се одржувал биенално, Битола во 1959, Скопје (1961), Штип (1963, 1965, 1967, 1969), а почнувајќи од Битола (1970, 1971, 1972), Струмица (1973, 1974) Титов Велес (1975, 1976) секоја година, а од 1977 година фестивалот постојано се организира и одржува во Кочани.

Во своето досегашно активно делување, фестивалот повеќепати го менувал насловот. Од Фестивал на Аматерски драмски друштва и театри (1959), Аматерска театарска ревија (1961), во 1967 г. се именувал како Републичка аматерска драмска смотра (РАДС), од 1992 г. Фестивал на аматерскиот и алтернативен театар на Македонија (ФААТ), а од 2000-та Драмски аматерски фестивал на Македонија (ДАФ на Македонија).

На фестивалот на драмскиот аматеризам досега настапиле 819 ансамбли, со 9847 учесници од нашата држава и странство. Овие бројки говорат и се однесуваат за периодот 1977-2018 година, од кога Кочани е домаќин и организатор на фестивалот.

Од 1959 година до осамостојувањето на нашата држава во 1991 година, организирањето и одржувањето на фестивалот беше парично поткрепувано од: Општините домакини на Фестивалот, од работни организации, од Републичката самоуправна заедница за култура, а во периодот на самостојна држава, од 1991 година паричната поткрепа за нашите проекти ја добиваме од Министерството за култура на Македонија, од Општина Кочани и спонзори

 

* (До 2018 година како прва година/почеток на фестивалот се сметаше 1961 година – Скопје, но по истражувањата се дојде до веродостоен податок дека почетоците се 1959 – Битола, затоа се донесе одлука, по 53 издание во 2017 година, а со цел да се додаде изданието од 1959, изданието во 2018 година да се нумерира како 55 издание.) 

Одржување

Драмскиот аматерски фестивал вообичаено се одржува секоја година во последната недела од месец мај и трае 5 фестивалски денови, со по две до три претстави дневно. Право на учество имаат аматерски театри, драмски секции, студија, експериментални сцени и други форми на самостојно сценско изразување и организирање на територијата на Република Македонија, како и странски аматерски театарски ансамбли.

Концепција

Во 1991 година, за првпат по повеќедецениско постоење на оваа театарска манифестација, бил формиран Совет на РАДС кој за задача си поставил осмислување на физиономијата на манифестацијата, имајќи предвид дека по осамостојувањето на Македонија драмскиот аматеризам доживеал силен развој, а во меѓувреме се појавиле и нови форми на театарскиот израз.

Имајќи предвид дека со години наназад на РАДС главно се појавувале три вида претстави: оние што се создавани од деца или се наменети за деца, потоа оние што ги продуцираат најразлични аматерски состави и најнакрај, алтернативниот односно експериментелниот театар. Токму затоа, се формирале три програмски сегменти во рамките на РАДС, односно ФААТ:

  • театар за деца и младинци,
  • драмски аматерски театар,
  • алтернативен театар

Со оглед на тоа дека со развитокот на театарскиот израз постепено се губи границата меѓу обичниот и алтернативниот театар, во 2000 година ФААТ го добива сегашниот назив – Драмски аматерски фестивал. Со тоа се потенцира важноста на драмската игра, а не на нејзината форма, при што ДАФ ја задржува програмата за деца во дневните термини, и вообичаената, драмска програма во вечерните термини.

Во склоп на манифестацијата, а со цел таа да стане порепрезентативна и повпечатлива, низ годините се одржувале и придружни активности поврзани со театарот и драмското творештво, како: изложби, омажи, натпревари во уметничко говорење текст (рецитаторство), експериментални сцени, театарски работилници и слично.

На ДАФ – Кочани се доделуваат вкупно осум награди:
најдобра женска епизодна улога;
најдобра машка епизодна улога;
најдобра женска главна улога;
најдобра машка главна улога „Никола Димитров”;
најдобра режија „Борис Стојчев“;
награда за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар;
ГРАН ПРИ „Васил Ќортошев“
и
Специјална награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци.

Учесниците на ДАФ ги селектира селектор, а наградите ги одредува жири комисија. Со фестивалот управува Управен одбор и Извршен комитет, а подготовките се доверени на Извршен директор.